Имам нешто да те прашам

Милица Кузмановска: Се радувам на секоја Нова година, со надежи и желби за се најубаво (Фото+Видео)

Велат дека таа е препознатлива по кристално чистата и специфична боја на гласот при нејзината интерпетација на било која песна. 27 години е на македонската музичка сцена и досега има настапено на сите, речиси сите музички фестивали во Македонија. Нејзината музичка кариера започнува далечната 1994-та година на фестивалот “Цветници”, а веднаш потоа се редат “Фолк Фест Валандово”, “Охридски трубадури”, “Филиграни”… а од интернационалните музички фестивали може да се пофали со настап на “Пирин Фолк Фест” во соседна Бугарија. Свој концерт има одржано секаде каде што има македонци, Австралија, Канаде, Европа, Америка. Една е од ретките која што може да се пофали со дуетски песни со познати музички имиња од македонска музичка сцена, тука само ќе го споменеме дуетот со Наум Петрески, Миле Кузмановски, Ефто Пупиновски, Горан Тодоровски, Ѓоко Јовиќ…

Почитувани читатели, во денешното интервју од серијалот новогодишни интервјуа со посебна чест и задоволство ви ја претставуваме македонската фолк пејачка Милица Кузмановска.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите 2021 година?

Милица Кузмановска: Оваа година, ако се земат во предвид условите во кои живееме веќе подолго време, беше навистина многу тешка и несреќна за сите. Никој не може да живее со ограничена слобода на движење и со сите пропратни мерки кои ни ги наметнаа со цел да се надмине кризава, а посебно стравот кој не обзеде. Така и јас, иако поминав многу тежик период, се трудев колку можам да останам со здрав разум и едвај чекам да помине и се ова да биде минато.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено?

Милица Кузмановска: За себе лично, можам да кажам дека со оглед на се претходно поврзано со моите здравствени проблеми, прилично бев активна во однос на музиката. Тоа би значело дека во фебруари излезе и мојот нов албум со водечката песна “Ти си моја среќа”, но заради периодот кој го поминав во болница немаше можност доследно да го испромовирам. Снимив и две нови песни со кои настапив на два фестивали – “Разделба” на Лешок Фолк Фест и “Слободна” изведена на Роса, а до крајот на годината се очекува уште нешто ново, се разбира ако се оствари замисленото.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакаувате да ја дочекате Новата 2022 година?

Милица Кузмановска: До сега, од почетоците на мојата кариера, ланската година и оваа , се единствените кои ке ги паметам како години без новогодишен ангажман, искрено и дома ќе ми биде убаво, во топла домашна атмосфера, покрај елка и со драги луѓе.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или можеби подарено?

Милица Кузмановска: Сакам да подарувам и тоа многу повеќе ме прави среќна, а најубавиот новогодишен подарок кој сум го добила е една стаклена кугла со Дедо Мраз во неа, која кога ќе се преврти изгледа како да паѓа снег и прекрасно е да се гледа таквата слика.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку умее да ве понесе?

Милица Кузмановска: Ја сакам новогодишната атмосфера, посебно и ако врне снег, тогаш е вистинска Нова година за мене и доживувањето е комплетно. Иако еуфорија не постои како во претходните години, сепак и се радувам на секоја Нова, со надежи и желби за се најубаво.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за новото Господово 2022 лето?

Милица Кузмановска: Од дното на душата посакувам љубов и мир на целата планета, посакувам поголема колективна свест за вредностите кои вистински не прават среќни и кои би го промениле начинот на живот во насока на подобра перспектива ако се вратиме на нив, здравје за сите како една од вечните желби и се разбира се најдобро за моите најмили, семејството и пријателите.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Милица Кузмановска: Мојата новогодишна порака е да се сакаме и почитуваме меѓусебно, да ја слушаме и да ја вреднуваме нашата македонска музика многу, многу повеќе, а со тоа и нашата земја и самите себе си како нераскинлив дел неа! Благодарам на можноста да бидам дел од новогодишната приказна на “Музика 24”. Поздрав и се најдобро!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: