Имам нешто да те прашам

На кафе со… Александар Тарабунов

Нашиот соговорник за прв пат се појави на Идол, кој му ги отвори сите врати на музички план. Неколку пати настапи на “Макфест” и испеја одлични композици кои придонеа неговата кариера секогаш да се движи во нагорна линија. Последното нешто, сеуште актуелно е хитот “Овие денови” и веќе погодивте дека станува збор за Александар Тарабунов – Тара

Музика24: Ти благодариме што ја прифати поканата за кафе… Кажи ни како се чувствуваш наутро, на што прво помислуваш откако ќе се разбудиш?

Тара: Ви благодарам. Се будам обично околу 10 часот, одлично се чувствувам зошто секогаш гледам убаво да се одморам и убаво да спијам… доколку имам некоја поважна обврска, нормално, помислувам на неа, а вака на конкретно нешто не мислам наутро, туку навечер пред да заспијам и тогаш мислам на многу работи.

Музика24: Дали си зависник од утринско кафе? Дали и колку тоа ти помага да се расониш, поспремен да го започнеш денот и со поголема леснотија да ги извршуваш своите обврски?

Тара: Не сум зависник од утринско кафе, но знам да се напијам баш затоа што ми помага да се расонам колку – толку.

Музика24: Дали практикуваш и дома да се напиеш кафе сам, зошто си имал потреба или тоа го правиш исклучиво во друштво на твоите пријатели? Какво кафе преферираш?

Тара: Дома ми се случува сам да си направам кафе, убаво е, но уште поубаво е кафето кога го пиеш со друштво низ муабет. Преферирам турско кафе со малку шеќер и нес кафе.

Музика24: Колку често одиш на кафе? Какви се муабети паѓаат  додека си на кафе со пријателите, за што најчесто зборувате и дали кафето понекогаш е само изговор за со некој да се видиш?

Тара: Понекогаш ќе договориш кафе, а сосема друго ќе се напиеш. Не можам да откријам какви се муабети правам со најблиските на кафе, но знам почесто да седнам, всушност и ние македонците сме таков народ, сите одиме на кафе, за да си кажеме што имаме. Ми се случило и тоа кафето да ми биде изговор за само да се видам со некого.

Музика24: Кажи ни нешто повеќе за твоите обврски во текот на денот? До каде си на музички план? Работиш ли нешто во моментот?

Тара: Чудни се нашите обврски во текот на денот, не знаеш што точно те чека, немаш одредено време, на пр. Од толку до толку ќе работиш, па после ќе одмориш и сл. Едноставно работиш, дали е тоа студио, снимање на песна или компонирање за некој друг изведувач, интервјуа, фотосесија, настапи, вежбање итн. Ама интересно е и ме исполнува. Инаку моментално спремам нова песна, публиката ќе има можност да ја слушне набрзо, моја е музиката, текстот е на Игор Џамбазов, а аранжманот на Дамјан Лазаров и се надевам ќе им се допадне на слушателите.

Музика24: Поради тоа што со години си присутен на музичката сцена и прилично добро ги познаваш  изведувачите, кажи ни дали во некој/а гледаш посебен потенцијал и со кој/а би сакал да соработуваш?

Тара: Имаме навистина квалитетни музичари во нашава држава и јас сум горд што пополека, но сигурно се враќа музиката во Македонија, во права смисла на зборот, бидејќи ако само нашава држава не функционира баш како што треба во шоу бизнисот, како цел Балкан ни “симнува капа” за талент и кога ќе отидеме во Србија, Бугарија, Албанија, Хрватска не почитуваат. Не сум размислувал сеуште со кој би сакал да соработувам од изведувачите, па затоа не можам да понудам конкретен одговор назначувајќи нечие име.

Музика24: Бидејќи поминува 2012-та година по што ќе ја паметиш  и кои се твоите планови за годината што следува?

Тара: Ќе ја паметам само по убави работи, бидејќи кога размислуваш позитивно ти се отвараат нови видици и врати. Нека им е среќна на сите Новата 2013-та, им посакувам на сите следнава година да ни биде берикетна, исполнета со многу љубов, здравје и смеа…

Музика24: За крај што ќе им порачаш на нашите читатели, воедно твои фанови и верна публика? Можеби ќе им откриеш некоја мисла, по која и ти самиот се раководиш?

Тара: Им порачувам да го прават она што навистина го сакаат и за што се родени, а со упорност неминовен е успехот. За сите мои фанови еве еден бакнеж.

Интервјуто го подготви: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: