Имам нешто да те прашам

На кафе со… Јоце Панов

И не треба нешто посебно да ви го претставуваме, тој е од Штип, од градот под Исарот, пее совршено и досега има добиено награди и награди… им нема број! Само ќе ви ја споменеме неговата препознатлива “Ти пеам песна”, песна што ја има препеано и Влатко Лозановски. Зад себе има премногу хитови меѓукои слободно може да ги споменеме: “Љубовна религија”, “Ивана”, “Огнени печати” песна по која е наречен новиот негов албум, и… многу други. Екипата на Музика24 помина еден ден, едно попладневно кафе – муабет со Јоце Панов и еве што се тој ни кажа, ексклузивно ни откри и што ни одговори на нашите прашања…

Музика24: Здраво, како си? На почеток кажи ни колку во денот практикуваш да пиеш кафе? Дали обично се расонуваш со кафе или… ? И кое е твоето омилено?

Јоце: Супер сум, фала на прашање. Бидејки имам низок притисок, секогаш кога се будам уживам во утринско кафе, иако многу ретко е утринско, бидејки се будам на пладне. Инаку, омиленото кафе ми е “Nescafe Gold”, нематено.

Музика24: Кога сме веќе кај кафето, тоа кај нас е понекогаш изговор, навика, понекогаш само така се вели колку да се излезе и да се видиме со другар или другарка. Дали истото и тебе ти се случува или случило досега или кога излегуваш во некое кафуле нарачуваш одредено кафе, пијалок и тоа е тоа?

Јоце: Па да, “кога ке одиме на кафе” во народот е повеќе изрека за да се видат, така останало, но ете кафето има убава симболика, а и убав изговор да поканиш девојка на состанок. Кај мене не е изговор кафето бидејќи секогаш кога сум во кафуле или ресторан, било каде јас нарачувам кафе, сакам да ги пробам сите врсти на кафе.

Музика24: Кажи ни нешто повеќе за тебе. Кога започна да се занимаваш со музиката, кој беше твојот прв јавен настап и каде беше тоа?

Јоце: Од кога знам за себе знам и за музиката, во мојата фамилија до еден се надарени за музика, секогаш се пееше на седенките, татко ми и мајка ми многу убаво пееја заедно, така да јас уште на 5-6 години почнав да свирам хармоника, гитара, клавир, и да пеам. Прв јавен настап беше на една приредба во основното училиште каде што учев, настапив со хармоника, свирев и пеев и победив на тој настан, бев пресреќен како да сум победил на Сан Ремо (се смее).

Музика24: Веќе неколку години си на македонската музичка сцена, кажи ни со кој од сите наши изведувачи си близок, со кој се дружиш, излегувате на кафе… со кој најдобро стоиш?

Јоце: Во суштина добро стојам со сите мои колеги, но за жал малку се дружиме приватно поради обврските. Сега поради емисијата “Еден бакнеж” на Алфа тв, повеќе време поминуваме заедно со Андријана Јаневска, Наде Талевска, Ѓорги Крстевски, Горан Наумовски, Елена Петревска.

Музика24: Уште неколку дена и речиси влегуваме во новата 2013 година, по што ти ќе ја запомниш оваа 2012-та и што би сакал да ти се случи во новата година?

Јоце: 2012-та година ми беше многу плодна, ќе ја паметам најмногу по мојот албум “Огнени Печати” кој излезе во Македонија преку Носталгија Рекордс, и албумот “Ватрени Печат” и кој излезе преку Сити Рекордс во Белград, за Србија, Црна Гора и Босна, а се работеше во Хрватска со Миро Буљан, Соња Буљан, Антонија Шола, Кемал Монтено… Во следната 2013-та година сакам само здравје, мир и слога помегу луѓето и нациите секаде во светот, кога ќе живееме во овие услови се останато ќе не се случи со љубов и труд.

Музика24: Кои се твоите планови за 2013-та?

Јоце: На самиот почеток на 2013-та на 17-ти јануари во клубот “Колектив” во Белград ќе се случи мојата официјална промоција на албумот “Ватрени Печати”, а и мој настап во клубот после промоцијата. Имам нова песна која ја спремам и која ќе ја промовирам на таа промоција, можеби и со видео запис ако стасаме да го снимиме до тогаш. Една прекрасна балада. Во новата година ме чекаат многу обврски и гостувања насекаде низ овие држави каде што се продава мојот албум, навистина ќе бидам многу често надвор од Македонија, но секогаш ќе бидам и тука за моите фанови, за кои спремаме и голем солистички концерт во 2013 година.

Музика24: По неколку месечна пауза, нашиот музички портал повторно е пуштен на интерет просторот, како би ги поздравил нашите читатели и твоите верни фанови и обожаватели?

Јоце: Јас ви честитам за повторното враќање во етерот, сакам да ги поздравам сите ваши обожаватели кои редовно ве следат и читаат, да им посакам среќни празници и да бидат најсреќни во Новата година.

Музика24: И како за крај, како што го започнавме разговорот така и ќе го завршиме, дали пиеш кафе навечер, можеби пред легнување и кое е тоа?

Јоце: Не практикувам кафе пред легнување, бидејќи сакам лесно да заспијам кога ќе легнам, а кафето ми дава енергија. Поздрав

Подготви: Елена Крагуеска

Можеби ќе ве интересира: