Наталија Славева ја запознавме на “Скопски фестивал”, поточно на Изборот за песна на Евровизија 2011 година со песната “Не ми требаш”. Тоа е таа, сосема слободна како што е и опишана со насловите на нејзините песни испеани на “Макфест”, две години по ред, каде што ја плени својата публика. По тоа што имавме прилика да видиме до сега, оваа млада девојка се труди да остави свој белег, да изгради стил по кој ќе се издвојува од другите. Тоа го прави вешто, а сето тоа ќе резултира во нејзината кариера со многубројни успеси.
Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува Нова година?
Наталија: Па кога бев помала едвај чекав да дојде 1-ви јануари за да видам што ми оставил Дедо Мраз, но како минуваат годините се повеќе се радувам на снегот кој паѓа на новогодишната ноќ и сега 1-ви jануари ми е ден за одмарање. Не дека не го сакам Дедо Мраз хахаха (се смее), но сепак подарокот го оставам подоцна во текот на денот.
Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?
Наталија: Oбожавам да купувам подароци и да ги радувам моите најблиски, но сакам и да ми подаруваат, без разлика дали подарокот е книга или новогодишно пакетче, сепак се радувам на таквите нешта.
Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?
Наталија: Па без еуфорија Нова година не е Нова година, секако дека ужувам во подготовките за неа, особено кога го украсуваме домот со елка и лампиони.
Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш Новата 2013-та година?
Наталија: Новата 2013-та веројатно ќе ја дочекам во домашна атмосфера со моите најблиски и најсакани со убава домашна софра и секако убаво вино.
Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?
Наталија: Па имаше многу музички случувања оваа година од кои и јас бев дел, така што не би можела да одвојам нешто посебно.Сите песни си се убави на свој начин и секако за еден некоја песна е убава, а за некој не, а нели за вкусовите не вреди да се расправаме.
Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакала да ти се остварат во текот на идната година, нешто што досега не ти се случило?
Наталија: Па еве сакам на бидам успешна на музички план, сакам да бидам успешна во студиите, но пред се, сакам да имам многу здравје и многууу љубов.
Музика24: Што би им посакала во Новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?
Наталија: Бидете здрави, весели, среќни и насмеани, радувајте се на малите нешта, бидејќи не е секогаш среќата во големите и секако, бидете во тек со информациите на Музика24.
Интервјуто го подготви: Сања Неткова




