Тој е млад, симпатичен и познат македонски репрезентативец. Има само 23 години и неговиот спорт е ракометот. Дел е од Еурофарм Пелистер и е најдоброто десно крило во Македонија. За него најслушана песна за оваа година е препознатливата „Бела”, а среќата за него може да биде и еден обичен телефонски повик или пиење на кафе. Од Дедо Мраз само сака здравје за себе и своите најблиски бидејќи се останато тогаш е полесно.
Да им посакаме многу успех на нашите ракометари следната 2024-та, а денес Ненад Костески, еден од најдобрите во новогодишно интервју на Музика24.
Уживајте!
Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, интересни спортски натпревари и резултати… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?
Ненад Костески: Се случуваа многу работи оваа година. Но за мене лично како најголем белег за 2023 ќе остане освојувањето и враќањето на шампионската титула во Битола со Еурофарм Пелистер после долги години во првенството на Македонија. Тоа е и моја прва шампионска титула во мојата кариера во сениорска конкуренција. Мило ми е што уште толку млад осетив какво е чуството што претставува сон на многу спортисти, да се биде шампион на својата држава Македонија.
Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?
Ненад Костески: Имаше многу фестивали, но дефинитивно најголем хит е песната на младите Пајак и Лара испеана лани на „Макфест” која се вртеше цела 2023 година и по радио и по кафичи и по клубови. „Бела” е најголемиот хит дефинитивно. Не случајно има преку 26 милиони прегледи на YouTube.
Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?
Ненад Костески: Да, еуфоријата во пресрет на Нова година е присутна кај сите. Но кај нас ракометарите обично цел период околу Новогодишните и Божиќните празници го поминуваме на припреми со репрезентацијата на Македонија во пресрет на Еуро 2024 во Јануари. Според мене на најблиските и луѓето кои ти значат треба да се мисли и да се подаруваат поклони и внимание во текот на целата година, а не само еден ден.
Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?
Ненад Костески: Обично кога се работи за луѓе кои ти се блиски знаеш кој е нивниот вкус и што ги прави среќни. Затоа за секоја индивидуа е различно и се купува различен подарок во зависност од неговите / нејзините желби или потреби што ги прават среќни.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Како сте? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?
Ненад Костески: На прво место е личното здравје и здравјето на најблиските. Тоа е основно за среќа. Понатаму доаѓаат материјалните работи. Не треба многу да го направиш некого среќен. Некогаш е доволно и еден телефонски повик и едно испиено кафе за да го направиш некого среќен.
Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?
Ненад Костески: Секој греши и најважно е кога ќе погреши да се извини за таа грешка и да се потруди да не ја повтори. Впрочем од грешките ние, посебно јас кој сум помлад, учиме и созреваме.

Музика24: Која песна, или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?
Ненад Костески: Обично кога одам на тренинг наутро, најчесто ми останува во уво песната или рефренот која ќе ја слушнам тој ден на радио.
Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?
Ненад Костески: Не може да не веруваш во нешто што ги прави најмладите т.е. децата среќни. Посакувам Дедо Мраз да донесе и наредната година многу здравје, а се останато ќе се потрудиме сами да е подобро.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?
Ненад Костески: Во 2024 најпрво во Јануари посакувам да одиграме што подобро со репрезентацијата на Македонија на Европското првенство и да ги израдуваме нашите навивачи со некоја победа на некој од фаворитите ако е можно (бидејќи искрено сме во многу тешка група). Потоа на пролет посакувам двојна титула со мојот клуб Еурофарм Пелистер и во првенството и во Купот на Македонија.
Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?
Ненад Костески: Бидејќи сме на подготовките со репрезентацијата ако ни дадат ден или два, на 31 декември, вечерта ќе ја дочекаме Новата година дома со најблиските.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?
Ненад Костески: Како што кажав и претходно најголема желба е да имаме здравје, јас и моите најблиски. Бидејќи сум спортист да не чува Бог од повреди. Се друго ќе се бориме сами да оствариме.
Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови и сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?
Ненад Костески: На читателите на Музика 24 им посакувам многу здравје, среќа, љубов и мир. Да слушаат македонска музика и да пратат и македонски спорт. Музиката и спортот се најубавите две работи кои можат да те направат посреќен. Среќна и бериќетна 2024 година!
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
