Имам нешто да те прашам

Никола Серафимов: Во Новата година да го направиме светот поубаво место за живеење (Фото)

Тој е познат македонски фудбалер. Професионалец, кој што игра за репрезентацијата на Република Македонија. Има само 22 година и моментално игра за унгарскиот ZalaegerSeg, ова е втор интернационален клуб за кој што игра воопшто. Досега има играно за Академија Панчев, Вардар, Пелистер, Брегалница, како и чешкиот клуб Јихлава.

За себе вели дека не сака да станува рано, но сепак мора, поради редовните тренинзи. А во слободното време едноставно ужива. Или е на кафе со своите пријатели и соиграчи, или пак знае да погледне некој добар филм. За релаксација и полнење на батериите знае да “се исклучи” и да гејма. А секогаш пред легнување слуша убава и квалитетна музика.

Почитувани, македонскиот фудбалски репрезентативец Никола Серафимов во серијалот новогодишни прашања на музичкиот портал Музика24.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Никола Серафимов: Јас лично оваа година ќе ја паметам како една од најдобрите на професионален план, затоа што направив еден голем чекор напред во кариерата со трансферот во унгарски ZTE, а со моите добри игри се наметнав и бев повикан во репрезентацијата на Македонија, за прв пат.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено? Која песна најмногу ја слушаше во текот на оваа година?

Никола Серафимов: За мене најголем хит и песна која често ја слушав во 2021 година е “Blinding lights” од “The Weeknd”.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш новата 2022 година?

Никола Серафимов: Сеуште не сме дефинирале прецизно каде, но Новата година ќе ја дочекам со моите најблиски пријатели. Сакам тоа да биде некоја забава, затоа што тоа ми недостасуваше во текот на цела оваа година.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или можеби подарено?

Никола Серафимов: Најубавите подароци ги добивав додека бев мал. Не можам да издвојам нешто конкретно, но ако морам, тука би ги ставил новогодишните пакетчиња кои што ги правеше дедо ми, кој многу ми недостасува.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее да те понесе?

Никола Серафимов: Тука во Унгарија, таа еуфорија се повеќе се чувствува одколку кај нас во Македонија. Можеби затоа што католичкиот Божиќ доаѓа токму пред Нова година, но имам чувство дека луѓето овде поинаку го доживуваат сето тоа. Улиците се прекрасно украсени, насекаде се поставени тие новогодишни штандови и можам да кажам дека уште фали и првиот снег за амбиентот да биде целосен.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за Новота 2022-та година?

Никола Серафимов: Моја најголема желба за 2022 година е да заврши оваа пандемија и конечно да се врати животот во нормала што поскоро. Заборавивме како е да се живее слободно и без никакви рестрикции.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатил до твоите фанови и до читателите на музичкиот портал Музика24?

Никола Серафимов: Им посакувам на сите да бидат здрави пред се, да шират љубов а не омраза и сите заедно да се потрудиме сите негативни работи да ги оставиме зад нас и во Новата година да го направиме светот поубаво место за живеење.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: