Рената официјално ја запознавме на “Макфест” во 2009-та година кога настапи со песната “Не го барајте” дело на Јован Јованов и Елвир Мекиќ. Песната стана апсолутен хит. Таа потоа заведуваше со гласот и успеа во тоа, зошто сега просто ја обожуваме. Летово беше актуелна со “Time, time”, со која сосема сигурно зачекори на светската музичка сцена. Најновото нешто од неа е наменско за празниците што следат “This Christmas Night”. Доколку не сте ја преслушале, направете го тоа, сигурно ќе ви се допадне.
Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува дочекот на Нова година?
Рената: Нова година и целата еуфорија која се создава уште од почетокот на месец декември тотално ја обожавам. Тоа е најсреќниот и најисполнетиот период за мене во текот на целата година. Затоа со посебно задоволство и со цела душа го чекам тоа зимно време. Веќе кон половината на месецот ја украсуваме елката со мојот помал брат, тоа ни е семејна традиција, нормално ни помагаат нашите родители ден – денес, бидејќи сакаме сите заедно да ја почувствуваме таа еуфорија, сите да дадеме еден дел од себе во целиот тој новогодишен дух.
Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?
Рената: Секоја година ја украсуваме најразлично новогодишната елка, купуваме различни лампиони, украси кои ќе се совпаднат со боите во кои сме одлучиле да ја украсиме. Оваа година ќе бидат доминатни црвената и златната боја, веќе одлучивме. Си подаруваме она што сметаме дека моментално ќе не направи да се почувствуваме исполнети, секогаш подарувам на моето семејство и на моите најблиски пријатели. И најмалиот украс претставува задоволство, едноставно сакам да изненадувам. Си купувам и нешто за себе, книгите ми се слаба точка, имам цела библиотека, но тоа секогаш го правам откако ќе одлучам што ќе им подарам на најблиските.
Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?
Рената: Посебно го сакам делот кога си подаруваме ситни поклончиња едни на други секоја година, така ги цениме повеќе малите нешта на кои им даваме големо значење. Кога сум со моето семејство се чувствувам најсигурно и токму затоа е се толку посебно. Мислам дека новогодишниот период заедно со божиќниот ми го доловуваат моментот на љубов, безгрижност, пријателство, среќа, исполнетост.. Едноставно се е толку подобро и секое утре е со поголема надеж. Верувам во чудата кои ги носат овие празници, токму затоа сум подготвена да споделам посебни моменти со посебни личности.
Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш Новата 2013-та година?
Рената: Вечерта ја прославувам со моите најдобри пријатели, и тоа веќе ни прераснува во традиција секоја година. Велат новата година треба да одбереш со кого ја дочекуваш, со колку позитивни и искрени луѓе си, така и ќе ти започне и заврши. Ќе бидеме надвор од градот, на мирно место, во приватна викендичка каде ќе останеме неколку дена. Моите најблиски пријатели се како мое семејство, секоја година одлично ми започнува и завршува, токму затоа е и успешна.
Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?
Рената: Оваа година за мене беше исклучително среќна, со тоа што издадов три песни кои луѓето и повеќе од она што очекував ги прифатија. “Time, time” беше носечката, можам да кажам дека го одбележа стартот на она што допрва ќе следува, “Because i love you” го најде својот пат по неа, додека за “This christmas night” допрва очекувам реакции и сум најмногу возбудена. Имам соработници кои ми станаа прекрасни пријатели, имам голема поддршка и доверба. “Time, time” ќе ја издвојам бидејќи таа ми ја донесе најголемата среќа.
Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакала да ти се остварат во текот на идната година, нешто што досега не ти се случило?
Рената: Имам многу планови, замисли.. Но за нив во Новата година, нема да ги откријам само ќе ги посакам, со цел што побрзо да ми се исполнат. Има толку многу работи што не ми се случиле, но не сакам да ги кажувам работите пред време, останува да ви кажам нареднта година кои ми се исполниле… (се смее)
Музика24: Што би им посакала во Новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?
Рената: Сакам најпрво да Ви се заблагодарам за одвоеното време, ми беше задоволство да одговорам на прашањата поврзани со мојот омилен период од годината. Продолжете со квалитетните и пријатни содржини, а на сите читатели/ки, фанови и обожаватели најпрво ќе им се заблагодарам за несебичната поддршка и пресреќни моменти што ми ги донесоа, а потоа ќе им посакам да уживаат, да слушаат музика која ќе им донесе пријатни моменти, многу да се насмевнуваат, да љубат, да бидат со луѓето што им значат и да ги прават работите кои им носат задоволство во животот, тоа е единствениот пат до среќата и мирниот живот.
Интервјуто го подготви: Сања Неткова
