Имам нешто да те прашам

Влатко Лозановски Лозано: Новата Година асоцира на белата боја, многу снег, Дедо Мраз и подароци

Почитувани наши, Новата година ја дочекавме и пречекавме. Уште од самиот повторен старт започнавме со оваа новогодишна рубрика во облик на кратко новогодишно интервју. Досега прашавме и интервјуиравме многу наши познати ѕвезди кои имавте можност да ги читате секој ден на Музика24. Денес како прв ден од Новата 2013-та, а на некој начин и последен од низата новогодишни денови исполнети со еуфорија, во ова наше последно новогодишно интервју – анкета за оваа Нова година, ви го презентираме размислувањето за слевењето и дочекот на Новата година, со кого, каде и како би ја прославил и што се би посакал за себе, своите најблиски како и ексклузивно што планира во Новата 2013-та.

Драги наши, Влатко Лозановски Лозано кој намерно го чувавме за крајот, неодамна МРТ одлучи тој заедно со нашата Есма да ја претставуваат Македонија на Евровизија во мај 2013. Тоа нека ни биде само повод за ново интервју, во продолжение… последната наша новогодишна анкета за оваа Нова година, Влатко Лозановски Лозано!

Музика24: Лозано, како се чувствуваш секогаш кога се наближуваат новогодишните празници, Нова година? Дали можеби како некое мало дете го очекуваш заслужениот подарок од Дедо Мраз за изминатата година, оставаш празни новогодишни чорапчиња, дали се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува Нова година?

Лозано: Не е баш сеедно, но со секоја Нова година некако се поблиску ми е и поблиску. Ланската Нова година ја чуствувам како да била вчера. Убаво е кога на овој ден се чуствува некоја позитивна енергија, луѓето се организираат, сакаат да го споделат заедно со своите најблиски. Обично овој поим асоцира на белата боја, многу снег, Дедо Мраз, подароци. Иако јас лично ладното време не го обожавам многу, повеќе сакам кога ми е топло (се смее).

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за пречекот на Новата година? Купуваш можеби изобилство на многу храна, некоја посебно убава книга што ти се допаѓа или сакаш да ја подариш, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Лозано: Не го сакам многу шопингот, повеќе сум за нешто конкретно. Обично се спремам за некој мој настап на кој треба да присуствувам за денот на Нова година. Скоро секоја година го поминувам работно. Впрочем тоа и мене ме исполнува, сакам да настапувам, да пејам, публиката да пее со мене, пред мене сакам да ги гледам кога се весели и среќни и тоа е тоа што најмногу ме исполнува.

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш новата 2013-та година?

Лозано: Оваа година ќе бидам некаде на плоштадите низ Македонија. Претходните години бев во Битола, Кавадарци и секаде беше прекрасно.

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?

Лозано: На светско ниво мислам дека тоа беа овие три песни: PSY – “Gangnam Style”, Michel Telo – “Ai Se Eu Te Pego” и Gotey – “Somebody that i used to know”.

Музика24: Кои се твоите планови и замисли кои што би сакал да ти се остварат во текот на идната Нова Година?

Лозано: Да се продолжи скоро во исто темпо, да се има добри песни и публиката пред се сакам да е најзадоволна.

Музика24: Што би им посакал во новата 2013-та година на нашите интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Лозано: Да слушаат музика, онакава каква тие што ја сакаат, онаа музика која што ги прават среќни и денот би им бил подобар. Што е до мене, ќе продолжам да се занимавам со мојата работа и се надевам дека ќе имам уште повеќе нови хитови, она што сакам да им го пренесам на моите фанови и оние кои ја слушаат и ја почитуваат мојата музика.

Интервјуто го подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: