Имам нешто да те прашам

Новогодишно интервју на Музика24: Филип Пешевски

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш кога доаѓа овој период од годината? Дали се радуваш како мало дете на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови во кои малку повеќе се одмараме и поминуваме време со најблиските?

Филип Пешевски: Секогаш во овој период од годината се чувствувам добро, бидејќи имам повеќе време да се видам со семејството и најблиските. Секако дека се радувам на целата таа новогодишна еуфорија и не ги сметам овие празници и денови како обични кога само се јаде и пие.

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Филип Пешевски: Да, верувам во легендата за Дедо Мраз, но не очекувам да ми донесе подарок. Јас верувам во еден “поинаков” Дедо Мраз, оној кој што носи среќа, радост, здравје и успех за мене и моите најблиски.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година? Подготвуваш специјалитети, сакаш да уживаш во прошетките со најмилите, купуваш подароци за своите сакани…?

Филип Пешевски: Покрај сите обврски и ангажмани успевам да се подготвам за празниците, успевам да најдам време да купам подароци, а знам да подготвам и некој вкусен специјалитет.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш 2019-та, а ќе ја дочекаш Новата 2020-та година?

Филип Пешевски: Секогаш сум за полабава и опуштена атмосфера, бидејќи секојдневно сум со музика, забави, настапи, гужви…

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Филип Пешевски: Според мене, не е важно колкава е финансиската вредност на подарокот. Важно е да биде искрено подарен со искрена насмевка, прегратка и честитка.

Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Филип Пешевски: Претставува период кога треба да ги испратите сите лоши работи кои што се случиле во изминатата година, сите лажни пријателства и лоши спомени. Да започнете да ги цените повеќе тие што се секогаш тука до Вас и да се трудите да бидете подобри од претходната година.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш 2019-та, а ќе ја дочекаш Новата 2020-та година?

Филип Пешевски: Јас 2019-та година ја испраќам и воедно ја дочекувам новата 2020-та година со мојот последен проект кој што се вика “Ти ми стоиш најдобро”, кој што наскоро ќе се најде на мојот ЈуТуб канал и ќе биде објавен на социјалните мрежи.

Музика24: Кој е според тебе хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видеоспотот кој што тебе ти остави најголем впечаток?

Филип Пешевски: Според мене хит песна и видеоспот што ја одбележи 2019-та година е “Без оглед на се”.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакал да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Филип Пешевски: Моите планови за 2020-та година се да продолжам да реализирам се подобри и подобри песни, подобри проекти за кои што се надевам ќе бидат успешни. А на приватно поле очекувам само да имам здравје и мир во домот, бидејќи само тоа ми дава сила и енергија да продолжам да работам.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакал на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на единствениот музичкиот портал Музика24?

Филип Пешевски: Им посакувам “Без оглед на се” да бидат здрави и среќни со луѓето што ги сакаат. Да видат “кој им стои најдобро” и заедно да создаваат убави моменти во новата 2020-та година. Со љубов, Филип.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: