Сергеј Попоски е еден од најпознатите прилепски пејачи на забавни мелодии, а се прослави по учеството во македонското музичко натпреварување „Пат до ѕвездите“, но и по учеството на фестивалот за забавни мелодии „Макфест“ и фестивалот „Охрид Фест“ каде Попоски ја добива наградата „Долни Сарај“. По тој повод ние направивме и кратко интервју со Попоски каде поразговаравме за неговите почетоци, неговата песна „Сите утра“ и учеството на „Макфест“ и „Охрид Фест“. Целтото интервју, во продолжение!
Музика24: Сергеј, од каде твојата инспирација и мотивација да се занимаваш со музиката?
Сергеј Попоски: Да се занимавам со музика дојде така што случајно го видовме рекламниот спот на кој беше прикажано како може да се пријавиш за учество во музичкото натпреварување „Пат до ѕвездите“ кое што тогаш се емитуваше на телевизија Алфа. Мојата баба беше притисокот за да јас се пријавам во тоа музичко натпреварување.Тогаш таа ми рече: „Ајде пријави се, мораш да дадеш уште еден напор кон музиката“.
Музика24: Какви коментари имаше од страна на стручното жири и кој се’ беше во жири на снимањето од „Пат до ѕвездите“?
Сергеј Попоски: По мојот настап во „Пат до ѕвездите’’ имаше многу добри коментари од страна на стручното жири, а во жирито кога се снимаше емисијата беа Роберт Саздов, Дани Димитровска, и ред други музички ѕвезди од Македонија.
Музика24: Сергеј, велиш дека твојата баба била „виновникот“ за ти да се занимаваш со музика. Дали мислиш дека твојата баба ти го открила талентот за музика и дали претходно имаш учествувано на некои помали музички настапи и хорови тука во Прилеп?
Сергеј Попоски: Приказната за музичкиот пат започнува на мој пет години. Мојот покоен дедо има завршено два факултети за музика во Белгард и Скопје во раните години, а после тоа тој е диригент и прави многу убави настапи во Битола, а кога дојдоа неговите пензионерки денови се запраша „На кого јас ќе го пренесам музичкото знаење?“ и мене ми рече: „Сергеј доаѓај на клавир!“, а тоа за мене беше нешто трауматско. Околу пет часа седевме на тој клавир, а доколку нешто згрешам цело време ме „тераше“ од почеток и така стекнав некое знаење за музиката. Потоа се запишав на хор тука во градскиот детски хор „Мали Ангели“, а тогашната наставничка во хорот Славица беше огромна инспирација за јас да продолжам напред колку и да беше тешко, а да пееш навистина не е’ лесно.

Музика24: Како дојде токму ти да учествуваш на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“?
Сергеј Попоски: Роберт Саздов е тој кој што ме покани да учествувам на „Макфест“, а воедно и да се натпреварувам.
Музика24: Минатата година ти настапуваше и на летниот музички фестивал „Охрид Фест“ кој се одржува во Долни Сарај. Како се слуши да настапиш на „Охрид Фест“?
Сергеј Попоски: Моето учество на „Охрид Фест“ повторно доаѓа по учеството во „Пат до ѕвездите“, бидејќи Огнен Неделковски кој беше во жирито на „Пат до ѕвездите’’ ме покани да учествувам на „Охрид Фест“. Огнен Неделковски и неговиот син Филип ја пишуваа песната, а мене ми е огромна чест што песната ја напиша тесктописец кој има напишано над 30 текстови од песните за Тоше Проески.
Музика24: На „Охрид Фест“ ти ја освои наградата „Долни Сарај“. Кој се беше во жирито и како дојде до тоа да ја добиеш токму оваа награда?
Сергеј Попоски: Колку гласови добив не се знае, но сите знаеме кој колку има со тоа што се гледаше реакцијата на публиката. Се гледаше кој колку аплаудира, а искрено во жирито не се сеќавам кој беше.
Музика24: Дали се гледаш како претставник од Македонија на Беовизија или на Евровизија со оглед на тоа што си на почетокот од музичката кариера?
Сергеј Попоски: Жално е тоа што многу артисти и пејачи што сакаат да се промовираат и да придонесат нешто за нашава земја, а истото да биде ново и свежо не се прифаќа. Во ред е да ставиш и црн лак за нокти или некое парче на женска гардероба кое се вклопува во машка гардероба, но кога ќе излезеш на сцена да „растуриш“ и со изглед и со се. За Евровизија имав многу голема желба, а секој кој сум го прашал ми велел: „Државата нема да ти дозволи“.

Музика24: Кажи ни нешто повеќе за песната „Сите утра’’. Кој е авторот на истата, кој го подготви аранжманот, а кој пак го напиша текстот?
Сергеј Попоски: Текстот, аранжманот и музиката се на Ефтимија, а песната е посветена на нејзиниот покоен татко и како тој цело време и недостига односно и недостига неговото присуство. Еднаш имавме телефонски разговор со неа и таа ми рече дека песната и е многу посебна и не ја дава толку лесно да се обработи. Ефтимија во тој телефонски разговор ми рече: „Верувам во тебе, а што и да правиш со песната прави го паметно’’, а јас мислам дека успеав да го направам очекуваното и со стил и со емоција.
Музика24: Со оглед на тоа дека си музичар и се занимаваш со пеење дали во Македонија недостигаат радиостаници кои што во својата музичка прогарама ќе емитуваат и промовираат нови песни, а ќе емитуваат и постари музички хитови?
Сергеј Попоски: Дефинитивно недостигаат не само радиостаници, туку и музички телевизии кои ќе емитуваат и промовираат нови мелодии. Малку и нас, барем постоечките радиостаници и телевизии, треба да не промовираат затоа што неможеш само месец или два да ја пуштиш и вртиш песната во програма, односно тоа не треба да биде сезонски туку треба да биде неограничено.
Музика24: За крај на ова наше кратко, но интересно интервју, што би им порачал на нашите читатели – твои верни фанови?
Сергеј Попоски: Да бидат среќни и да се држат цврсто до нивните животни желби и цели, а на вас новинарите ќе ви посакам успеси и среќа и ви благодарам што постоите и што барем вие преку интернет порталите малку од малку не промовирате.
Интервјуто го подготви: Христијан Ангелески
