Работејќи во раните утрински часови и планирајќи што и како за следниот ден, сосема неочекувано наидовме на едно интересно и провокативно интервју со легендата Тоде Новачевски кој што зад себе има оставено голем број на дела кои се големи евергрини и кои ќе останат засекогаш во историјата на македонската музика. Иако интервјуто не е на нашиот музички портал, овој пат правиме вистинска отстапка и по претходна согласност на авторот, дел од истото ќе имате можност да го прочитате на Музика24, а доколку истото ве заинтересира, целосното интервју ќе можете да го прочитате на порталот на списанието Лоза, односно, линкот под делот што ние ќе го објавиме.
Здраво живо, Г-не Новачевски. Ви благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека со нашиот разговор ќе ги заинтересираме читателите на оваа страница (ЛОЗА). На јавноста сте и познат како автор на многу текстови и мелодии и аранжер на песни кои оставија трага во македонската музичка историја. Како започнавте да се занимавате со музика?
Музиката во моето семејство има посебно место од моја најмала возраст. Најпрво преку песните и гајдата на мојот татко Владе и кларинетот на неговиот најмал брат Петре, па се до хармониката, со која како самоук ги свирев и пеев моите први омилени песни и ора. За мојот развој како музичар голем придонес имаат професорите од музичкото образование, најпрво од Битола, а потоа и од Скопје, каде дипломирав на Факултетот за музичка уметност на два отсеци – Наставно теоретски и Композиција. Иако без никакви претензии, моето средно и високо образование (на мое изненадување) ги завршив со највисокиот просек во генерацијата, од која произлегоа голем број квалитетни музичари и педагози.
Кои музичари ви биле пример и инспирација?
За мојот развој како музичар, композитор и личност, во времето на студиите во Скопје голема заслуга имаат Тома Прошев (мојот професор по композиција, а подоцна и кум), Томислав Зографски, Михајло Николовски и многу други музички професионалци, композитори и продуценти, кои беа пресудни за мојата наобразба и ориентација, како во музиката, така и во погледот кон сè останато.

По што ги паметите последните децении од минатиот век?
После дипломирањето, за жал на моите родители, останав да работам во МБУЦ во Скопје, каде предавав главни предмети на генерации на кои беше задоволство да се предава. Моите први излети во забавната и народната музика беа одраз и на околностите во мојот приватен живот, па затоа не случајно првите композиции ми беа поврзани со неколку личности без кои најверојатно ќе останев композитор само на посериозна музика. Тие личности беа – Кокан Димушевски од “Леб и Сол”, Славе Димитров и најмногу сестрите Маријана и Росана. Се испостави дека од соработката со нив, во периодот од 1987 до 1992 година и заминувањето во Австралија, произлегоа композициите и песните за кои со Маријана и Росана добивме најмногу признанија, награди и внимание. “Едно срце имам”, “Ако не исчезнам”, “Свири ми брате цигане”, “Љубов”, “Око мое”… и многу други мои песни излегоа токму во периодот кој мене лично ми остана како најубав и најплоден во животот.
Целосното интервју со Тоде Новачевски ќе можете да го прочитате со клик на следниот линк: Интервју со Тоде Новачевски.
