Освен со познати музички имиња, музичкиот портал Музика24 направи интервју и со ПР на Зоолошката градина во Скопје, Тина Мицковска. Девојка која што животните ги сака повеќе и од себе си, но истовремено ја сака и музиката и сето она што е поврзано со неа. Организатор на многу културно-забавни настани во Скопје, но и DJ кој во поранешното нормално време полнеше дискотеки и присутните едноставно уживаа во нејзините миксови.
Музика24: Што е она по што ќе ја паметите 2020-та година, годината која што за само неколку часа ќе биде наше минато?
Тина Мицковска: Освен по тоа што на сите ни беше лоша година и не би сакала да зборувам за лошите работи, ќе ја паметам и по неколку добри. Врвни онлајн концерти на многу македонски и странски музичари кога бевме во карантин, многу вдомени и спасени животинки и она што ми ја врати вербата во луѓето, а тоа е дека имаме хумани граѓани кои годинава се одзваа на многу апели за помош кои ги објавив, донирање на крвна плазма, донација на храна за семејства од социјален ризик и донации за бездомните животни.

Музика24: Дали има нешто што посебно Ви се случи во текот на оваа година и Ви остави посебен впечаток?
Тина Мицковска: Во оваа несреќна година, на површина испливаа две работи кај луѓето – кај некои емпатијата, кај некои себичноста. Мило ми е што се повеќе запознавам луѓе кои се хумани и емпатични, а пак оние себичните пополека ги истуркавме од нашите животи. Посебен впечаток годинава ми остави тоа што станав најдобра другарка со волк. Малата волчица Арија беше спасена како бебе и сега е веќе голема, тежи околу 40 кг, но се уште сме неразделни, се шетаме и играме. Арија покажува вистинска љубов за разлика од некои луѓе.
Музика24: Која е според Вас најслушаната песна за 2020-та година?
Тина Мицковска: Мило ми е што некако почна да се враќа стилот на музика од 80-те и што имавме неколку такви хитови на светско ниво. Највеќе мерак ми направи The Weekend со Blinding Lights, а од домашната сцена, Funk Shui со Метеори.

Музика24: Што би си посакале себе си, на своите блиски и најсакани и секако на читателите на единствениот македонски музички портал Музика24?
Тина Мицковска: Со оглед на тоа каква година имавме, на сите им посакувам прво здравје, а потоа да се смеат многу. Јас немам ниту една брчка на челото од муртење, ама затоа од смеење имам многу околу очите. Дефинитивно смеењето и позитивната енергија се лек за се. Правете нешто што ве исполнува, помагајте, дарувајте, сакајте… А на вас, мои омилени од Музика24 ви посакувам многу успешна работа и во иднина, како најдобар музички магазин во Македонија.
Подготви: Редакција Музика24
