Почитувани и верни читатели на музичкиот портал Музика24, од денес 9-ти декември до 31-ви декември нашиот музички портал стартува со една интересна и се надеваме забавна рубрика за сите Вас, во која новогодишни прашања за тоа како и каде прославувале Нова година, со кого, кои биле нивните желби и сл. ќе ни одговараат познати музички имиња, како и колеги новинари, а и познати македонски артисти.
Нашето прво новогодишно интервју со кого и ја стартуваме оваа новогодишна рубрика е познатата и препознатлива новинарка, а во последните години и пејачка, нашата мила и секогаш добра Валентина Ѓоргиевска-Парго. Што таа одговори на нашите прашања, прочитајте во продолжение.
Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби како некое мало дете се радуваш на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Ха, ха, поминаа повеќе од три децении, кога се радував како мало дете. И навистина бев “мало дете”, кое месец дена пред тоа живееше во креативен хаос, постојано сечеше креп-хартија, во желба да направи што поновогодишни украси и ленти за да им украси на домашните, на кои верувам дека и често им беше преку глава сета таа детска еуфорија. Дури еднаш неколку часа пред Нова година се обидов да монтирам ламба, поточно сијалица врз која внимателно поставив креп-хартија. Но, малку се помести, сијалицата ја изгоре хартијата, среќа што пожар не се случи. Детските експерименти за Нова година најмногу ме веселеа. Купување на бројни лампиони, од оние големите стаклени и кршливи, и по неколку пати поставување и невнимателно туркање на елката, под која поминував доста време, како да ми беше хоби. Моите потрошија чинам цело богатство на тие мои пред-новогодишни активности. Се сеќавам дека главно и новогодишните журки како деца ги организиравме кај мене, дали пладневни или вечерни, зависно од детската возраст, а тој го славевме и роденденот кај другарка ми Сермина. Еднаш денски на 31 декември ги купив касетата од “Рокери с Мораву”, полудев од радост. Рефренот “Кркен зи кикирики евери деј” ме засмејуваше до солзи. А на детските журки, со друштвото, слушнавме се што тогаш беше хит, од “Рокери с Мораву”, до Лепа Брена, Оливер Мандиќ, “Бони Ем”, Лајонел Ричи, “Дјуран Дјуран”, “Депеш мод”, “Калчр клаб”… Најлуд обид беше во петто одделение. Мене и брат ми дома не чуваа баба ми и дедо ми, јас желна за забава, се дотерав со најубавото розово сатенско комплетче што го имав, им избегав и сама со трчање отидов во хотелот “Китка” во центарот на Ресен, каде моите родители славеа со пријатели. Влегов и за миг станав главна атракција, скокав, се веселев, ме качуваа на маси, јас танцував. Неколку фотографии како сведоштво, мошне јасно “говорат” за атмосферата што ја направив, јас, непредвидливост дете (се смее). Сепак, во тој детски и предтинејџерски период, дочеците на Нова година во хотелот “Југославија” во Отешево ми беа гламурозно задоволство и привилегија, затоа што меѓу повозрасните, имаше само неколку деца, во кои бев и јас. Среќно детство!
Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Убаво ми е кога верувам, иако од никогаш не верував, дури ни кога бев дете од неколку години. Фино е тоа, но од друга страна, тоа уште од мали ги тера децата да веруваат во лаги, да веруваат дека се е во животот дадено на дар, и тоа станува навика.
Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале.
Музика24: Дали можеби како дете, а зошто да не и денес, оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Јас сум родена со инстинкт да подарувам, па затоа подарувањето ме прави поисполнета и подарувам се што можам. Силата е во дарувањето, тоа сум го сфатила од дете, затоа можеби и не сум се врзувала за Дедо Мраз. Но има еден детски момент кој го паметам, како малечка во канцеларијата на татко ми од пакетот наместо да изберам едно пакетче за мене, јас не можев да се одлучам кое е најубаво и ги зедов сите, а потоа тој мораше да им купува на децата на колегите исти такви пакетчиња. А со невидена нестрпливост ги чекав неговите новогодишни пакетчиња од НИП “Нова Македонија”, во кои имаше големи чоколади во изобилство и беа понеобични од сите други. Секогаш во нив ставаа и интересни книги за деца. “Тројцата мускетари”, во нашите пакетчиња, за мене значеа амајлија. Но, да, и денес се радувам на класично пакетче за Нова година.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година, како и сите оние денови кои што ни доаѓаат, а се дел од целата таа празнична атмосфера?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Дента си купувам различна готова храна на мерење, вечерта се мезам и гостам и тоа е се. Како и секоја друга вечер. Цел месец пред тоа славам по коктели и дружби со блиски, со колеги, колешки, пријатели… За Нова година главно одморам.
Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се ти е битно добро друштво, забава, музика… или пак онака домаќински во опуштена атмосфера со малку повеќе храна, пиење, шеги, смеа и потоа секако некој добар филм?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Друштвото. Најсаканите. Најодбраните. Тие ме прават да се чувствувам убаво и своја.
Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш твоите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што очекуваш и најмногу би те изненадило како подарок?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Новогодишни пакетчиња и чоколади за најмилите. Сакам да испраќам новогодишни честитки преку пошта, на најблиските овде, и на пријатели и роднини низ светот, секогаш планирам и на крај секогаш тоа го пропуштам затоа што навистина се потсетувам околу 25-ти декември, а веќе е доцна. Да добијам сакам мали слатки обетки, тоа е подарокот што го примам со задоволство, од личности кои ми значат.
Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична новогодишна еуфорија? Дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Еден убав ден за “отпуштање на вентилите”, и заборавање на проблемите од секојдневието. Кој како сака нека празнува. Само, не се согласувам со скапо платените организирани новогодишни дочеци, кои освен мрзнење на Плоштад не носат некое поголемо задоволство. Дури ни по еден сендвич и сокче за оние луѓе кои отишле скромно да слават на плоштад, што е нонсенс. Државата треба да организира храна за луѓето на кои им е потребна, наместо скапи декорации. Не сакам петарди и сето тоа вознемирување, и тоа треба да се забрани од секаква безбедносна заштита. Сметам дека порано беспотребно трошев доста пари на скапи дочеци сите новогодишни денови, кои ми носеа замор потоа.
Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш старата и дочекаш новата 2020. година?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Дома е најсигурна варијанта.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ќе ја одбележи 2019-та која што пополека, но сигурно си заминува?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Евровизијата во Израел оваа година ми донесе траен сноп радост и среќа. Средбата со сиот тој убав свет, прекрасен народ, магичен град Тел Авив и Џафа, посетата на светиот Ерусалим и Мртво море, средбите со првите луѓе и со ѕвездите на Евровизијата. Интервјуата кои ги дадов за странските телевизии, од Европа, се до Америка и Перу, но најголем комплимент за мене е учеството во најпопуларното шоу на најпознат комичар во Израел, кое оди во ударен термин и за нив е исто што и “Шоуто на Опра Винфри” за Америка. Многу професионално, дури потпишав и куп документи дека дозволувам снимките со мене да бидат емитувани. Како и објавувањето на мои фотографии и прашања до омилениот евровизиски претставник Махмуд, во најпрестижниот италијански дневен весник “Кориере дела сера”, каде се појавив. На домашен терен имавме одличен Скопски џез фестивал, потоа свирката на Фулвио Феличијано и Леон Хендрикс (брат на Џими Хендрикс) во Станица 26 беше фантастична. Незаборавно, на голема радост, ги дочекавме фантастичниот Ерос Рамацоти, и зашеметувачки предобриот Брајан Адамс, а за тие два концерти имав можност да соработувам со Музика24 и да направам репортажи за Вашиот сајт. Мене 2019-та ми беше сон, нешто што ќе го паметам цел живот. Оваа година за мене како новинар значеше и еден целосен квантен скок, како преставник од Македонија учествував на формирањето на европска новинарска мрежа во Берлин, присуствував на најголемиот светски новинарски самит во Бон, потоа на меѓународен форум на Франкофонија во Џаковица, на меѓународни конференции и тренинзи во Тирана, во Патрас Грција…. Толку набиена агенда, што некои значајни настани се преклопуваат едни со други, дури и ми пропаднаа авио билети за Хамбург и Берлин. Деновиве ме очекува новинарско патување во Будимпешта. Волшебна година.
Музика24: А кој е пак според твоето размислување, хитот за 2019-та и видео спотот кој што ти остави најголем впечаток
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Евровизиски бум со “Proud”, песна фантастично испеана од Тамара Тодевска, не остави без здив. Но за жал случувањата кои следеа, кога таа не ја испеа целосно македонската химна, ја фрлија во брз заборав. Прекрасната Мила Москов пријатно не изненади на Детската Евровизија. Новиот албум на “Бернајс пропаганда”, “Втора младост, Трета светска војна” е просто убиствен, најдобар. Го обожавам!
Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли за твојата музичка кариера и што е она што би сакала да ти се случи на професионално и приватно поле во Новата 2020-та година?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Многу Љубов, се разбира. А што се однесува со музичката кариера, хм… но, ако мислиме на моите настапи и победи на “Канео фест”, навистина ме радуваат. Тоа е една приказна која е случи сама од себе, енергија која сама ме повика. Авторите од се срце ги пишуваат моите песни. Текстописецот Цане Трајчевски е “нарачателот” на моето фестивалско пеење, текстовите кои ми ги пишува се неговата визија за мене. Минатата година победив на “Канео фест” со “Тајна љубов” на Ристо Апостолов, годинава настапив ревијално со “Љубовта е закон” на мелодија на Здравко Остојиќ, автор кој на истата сцена испеа песна за мене “Валентина”. Во моментов мојот ценет пријател Вили Котовски во Русија подготвува песна, што ја договараме повеќе од 20 години (се смее). Следната година ќе снимам песна од Владо Ѓоргиевски, а имам понуда да објавам албум. Среќна сум, за моите песни ми рекле дека се чиста енергија, и слатки ко мед, во нив нема ништо пресметано за никаква добивка. Добивка е среќата!

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакала на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?
Валентина Ѓоргиевска-Парго: Секогаш да се чувствуваат убаво, да слушаат добра музика, сами да си одберат што сакаат и да не веруваат во ничиј друг вкус, освен во својот. Да го чуваат најсилно своето здравје и мир, своите блиски и сакани, се друго нема големо значење. Да не тагуваат и копнеат по ништо што не може да се врати или добие. Да сме сите живи и здрави, само тоа!
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
