Имам нешто да те прашам

Васко Спасовски (Свет): Новата година ќе ја дочекам во кафана!

Тој е еден од најпознатите новинари во Македонија и работи во единственото и најчитано таблоидно списание “Свет”. Зад себе има поминато многу концерти, промоции, фестивали, интервјуа, текстови… добри, но и лоши случки. Колегите го знаат како Васко од “Свет”, а всушност станува збор за младиот, но сепак доста искусен новинар Васко Спасовски. Овој пат наместо тој (како и секогаш), ние му поставивме прашања за Новата година, како се подготвува, како се чувствува, како ја прославува…

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува и е нова година?

Васко: Искрено дочекот на Новата година, не ми значи многу. Не верувам во Дедо Мраз, нормално како дете, да, верував, но како созревав, сфатив дека тоа било само “фора” на нашите родители. Не велам дека не е убаво тие неколку дена пред Новата година, баш напротив. Градот е преубав, свети во сите бои, луѓето се повесели… Камо среќа да беше така преку цела година.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Васко: Не се подготвувам нешто посебно, освен тоа што со друштвото се договараме каде ќе славиме. Инаку не купувам баш подароци за Нова година, туку моите ми купуваат мене, ниту па купувам храна, бидејќи дочекот ќе биде во некоја од скопските кафеани (се смее).

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?

Васко: Новогодишната еуфорија е убава бидејќи веројатно тогаш луѓето заборават на проблемите што ги имат по дома и се повесели и расположени за забава и дружење. Нормално како секој нормален човек и мене ме фаќа “она” новогодинешното, но не дека се онесвестувам за тоа што доаѓа Нова година.

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш новата 2013-та година?

Васко: Најверојатно ќе биде во некој градска кафеана со друштво. А, како ќе ја дочекам, е на тоа не знам што ви одговорам, најверојатно со некој промил алкохол во крвта (се смее).

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?

Васко: Па, имаше неколку годинава. Ете, би ја издвоил прославата на денот на независноста на градскиот стадион. А, за песна навистина не знам која би ја издвоил. Имаше неколку хитови оваа година.

Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакал да ти се остварат во текот на идната нова година, нешто што досега не ти се случило?

Васко: Па, јас сум скромен по природа и за тоа не би посакувал брда и долини. Едностано сакам само да имам добро здравје, јас, моите најблиски и пријателите.

Музика24: Што би им посакал во новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и читатели?

Васко: На вашите читатели им посакувам многу среќа во новата година, љубов, повеќе толеранција, нека слушаат македонска музика и нека купуваат повеќе весници. Инаку за ова “фанови” кога ќе го слушнам или прочитам, ми се ежи кожата, така да, тоа прашање ќе се правам како да не сум го прочитал (се смее).

Интервјуто го подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: