Имам нешто да те прашам

Зоран Ванев: „Доста е од преработки – време е Македонија да создава своја музика“ (Фото+Видео)

По завршувањето на јубилејното 40-то издание на „Макфест“, впечатоците сè уште не стивнуваат. Иако минува речиси еден месец од фестивалската еуфорија во Штип, неколку изведувачи и нивните песни продолжуваат да привлекуваат внимание – меѓу нив и еден од најпрепознатливите македонски фолк артисти, Зоран Ванев. Годинава тој изненади со необичен, но исклучително емотивен настап, изведувајќи забавна балада која остави силен печат врз публиката и фестивалското жири. Нашата екипа од музичкиот портал Музика24 која години наназад го следи овој голем музички фестивал направи ексклузивно интервју со Ванев, во кое тој искрено проговори за својот настап, инспирацијата, но и за патот што го минал надвор од земјата. Во продолжение – што ни откри легендарниот пејач.

Музика24: Зад себе имате богат каталог на препознатливи хитови што и ден-денес се пеат и препејуваат. Што ве мотивираше, по толку години успешна кариера, да направите исчекор кон забавната жанровска музика – жанр кој ретко сте го третирале и токму со таква композиција да се претставите на годинашното јубилејно 40-то издание на Макфест?

Зоран Ванев: Знаете како, музиката за мене нема граници. Јас своевремено кога ги одбирав „Ангела“ – ја одбирав јас лично и заедно со Мирче Кикиритков ја направивме. Негова беше музиката и текстот. „Ако бевме заедно“ исто така е негова песна, „Душо моја жал ми е“ исто така негова песна… сите тие хитови кои што ги спомнувате од тоа време јас на некој начин ги пронаоѓав и ги презентирав пред македонската јавност. И имам доста многу хитови. На пример, бев многу поуспешен кога јас ќе ја бирав песната (музиката и текстовите), кога јас ќе го бирав сето тоа. Меѓутоа имаше и фестивали каде што на пример приемниот конкурс завршил и тогаш ти даваат песна во мојот ранг и некогаш останува да ние не можеме да одбереме ја сакам таа, ја сакам онаа песна… Прво не ни се презентираат сите песни туку ти даваат песна – оваа песна мислиме дека е за тебе. Во тоа време нам пејачите чест ни беше да учествуваме на фестивалите, така и станувавме популарни. Во денешно време мислам дека тука има некои проблем кај овие наши моментално уметници, затоа што доаѓаат фестивалите и тие ги избегнуваат – не сакаат да учествуваат. Јас тоа не можам да го разберам, меѓутоа, тоа е животот и тоа е на некој начин модерно време – барем така тие кажуваат. Сепак, штата е што не се користат вакви сцени, вакви убави сцени и „Макфест“ е единствен забавен фестивал на забавна музика а со мојата „Јужна пруга“ докажав дека и забавната музика ми е некоја страна и дека не е нешто што не можам да го испејам. Така да – зошто да не учество на „Макфест“. За мене е многу сериозна песна, многу захтевна песна – многу тешка песна. Балада. И мислам дека целта ми е со мојата продукција, бидејќи сум комплетен автор на оваа песна, да се презентирам на ова поднебје и да ја развиваме македонската музика на едно многу поголемо ниво. Да ги потикнеме младите пејачи или повозрасните пејачи да снимаат своја музика. А не да излезат на телевизија и да пејат мои песни, од овој или од оној песни… што мислам дека на тој начин ја уназадуваат македонската музика. Тука малку ми е криво. Си велам, бидејќи во Швајцарија животот ми е подреден онака како што јас го замислував, си имам своја работа која што мислам дека на некој начин ме прави среќен и нормално музиката – мојата прва љубов уште од детство што не можам да ја оставам така затоа што многу време и многу години сум инвестирал во сето тоа, мислам дека го разбирам многу подобро и сега со оваа зрелост во музиката мислам дека можам на македонската музичка сцена многу, многу повеќе да придонесам како автор, како композитор, како продуцент.

Музика24: Што беше причината што толку долго време го одложувавте вашето појавување на македонската музичка сцена со авторска песна? Дали тоа беше резултат на лични и професионални предизвици по заминувањето од Македонија, имајќи предвид дека ова претставува едно од вашите први авторски враќања по неколку децении?

Зоран Ванев: Кога отидов во Швајцарија, значи додека се адаптираш и се снајдеш на сето тоа непознато, треба многу време. После тоа работев во здравствено-осигурителни компании, тука исто така треба многу време да потрошиш за да научиш се како функционираат тие системи. Потоа, студиите мои на природната медицина – а потоа и докторирав на природна медицина. Сето тоа ме чинеше пет цели години. Од понеделник до недела, значи таму немав пауза. Од понеделник до петок имавме природна медицина, секоја сабота и недела имавме медицина која што еве ја користат матичните доктори, која што ја изучуваат. Јас пет години немав време за ништо, затоа и се повлеков малку од сцената бидејќи бев многу активен во мојата животна визија. Мораш да бидеш некој и нешто затоа што моите години не дозволуваат да се зафркаваме и да си правиме играчки во животот. Ова е се убаво, многу убава е професија но си има траен век. Јас сега не очекувам незнам каква кариера или слично… меѓутоа да докажам и покажам со својата музика дека можам многу да придонесам за младите. Со моето искуство можам многу да придонесам да тие бидат она што сакаат да бидат и во забавната и во народната музика. Затоа што со ова јас докажувам дека можам да го работам и едното, и другото. Така да мислам дека целта е тоа. Да се презентирам моментално во ова светло, и да направам на некој начин позитивен ефект на младите генерации. Да имаат каде на право место да се обратат и да сето тоа го искомпонираме и испродуцираме за да тие имаат своја лична карта, да имаат свои хитови.

Музика24: Во еден период бевте дел од најпознатата продукција на Балканот – Гранд продукција. Како би ја опишале таа соработка – односот, поддршката и професионалниот третман што го добивавте од нив во сите години додека работевте заедно?

Зоран Ванев: Знаете како, јас во Гранд продукција бев во тој период кога морав сам да инвестирам во сите мои музички проекти. Потоа се појавија „Ѕвездите на Гранд“ на кои што им беше многу полесно – се им беше подготвено на тацна. А тие нели сервирано јадат. Јас морав, според моето искуство, да донесам песна, да одберам моја песна, да се презентирам со таа песна и во целиот тој лавиринт од алигатори да испливаш на површина. Што со „Лила, Лила“, што со „Јужна пруга“… ти мораш својата визија да ја презентираш на сцената за да добиеш внимание и после тоа да бидеш познат пејач на југословенските екс простори. Тоа не е мала работа и затоа велам дека во тоа време бев исто така многу музички поткован – знаев што сакав, знаев што бирам, знаев што пејам…и така доаѓав до моите големи успеси што еве „Јужна пруга“ можеме слободно да кажеме дека е безвременска песна и таа ќе остане едно ремек дело за сите времиња на нашите екс југословенски простори било каде на Балканот или во целата дијаспора низ светот.

Музика24: Настапивте на „Макфест“ со емотивната балада „Душо моја“. Кој стои зад авторството на песната и какви се вашите очекувања од истата?

Зоран Ванев: Комплетен автор на песната „Душо моја“ сум јас. Музика, текст и аранжман. Имам многу добар тим во Швајцарија каде што работиме одлични и професионални студиски песни и многу други работи. И затоа мислам дека имаме многу добар потенцијал (не битно за каква музика и да станува збор – странска, балканска) да помогнеме на младите во Македонија. После изведбата и фестивалот можно е да се сними и видеоспот за оваа интересна, убава љубовна балада. Ќе биде голема штета да не се направи тоа.

Музика24: По твојот настап на „Макфест“ и премиерата на најновата балада „Душо моја“, дали планираш конечно да се вратиш на македонската музичка сцена со поголем интензитет и да ја продолжиш кариерата таму каде што застана?

Зоран Ванев: Не, не… планирам да се појавувам вака на големи манифестации, на големи фестивали можеби да. Јас снимам нон стоп, но за жал истите тие снимки и композиции ги презентирам и претставувам на YouTube, Spotify затоа што не сум во можност и нема такви убави сцени каде што истата таа музика и песни можам да ги преставам. Месечно на овие познати музички платформи поставувам најмалку една до две нови песни и со тоа сакам да покажам дека ќе бидам активен во понатамошниот живот, ќе бидам активен на музичко поле затоа што сега имам многу повеќе време – работата ми е супер подредена кога сум на работа работам кога сум слободен снимам и создавам музика. Не гледам емисии, подкасти, филмови… туку си пуштам музика и си уживам во својот свет.

Интервјуто го направи и подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: