Современа бајка за возрасни и деца – балетот во три слики „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев во продукција на Националната опера и балет, ќе гостува во Центарот за култура Битола на 7-ми јуни со почеток во 20 часот а во рамки на годишната програма на оваа национална установа.
Настапуваат солистите: Христина Наќевска, Билјана Басмаџиева-Ковачевски, Мирослав Митрашиновиќ, Игор Веланоски, Саша Евтимова, Марија Јосифовска-Ристовска, Цветанка Максимоска, Ангела Богатинова, Ендру Кук, Кристијан Јангос, Драган Кочоски, Гала Кочевска, како и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет. Приказната за „Пепелашка“ во модерна верзија е преточена во прекрасната музика на големиот руски композитор Сергеј Прокофјев, а со кореографија на гостинот од Србија, Александар Илиќ. Костимографијата е на Катерина Радошевиќ-Галиќ (Хрватска), сценограф е Филип Коруновски, дизајн на звук – Георг Драушник (Хрватска), асистент кореограф: Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија).
Балетската претстава “Пепелашка“ на Националната опера и балет, е современа бајка за сите возрасти која не смеете да ја пропуштите, порачуваат од Центарот за кулТура од Битола.

