Во рамките на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, публиката имаше можност да присуствува на исклучително емотивна и инспиративна вечер посветена на еден од најзначајните современи македонски драмски автори – Дејан Дуковски. Пред бројната публика, која со голема почит и внимание го следеше разговорот, Дуковски се наврати на своите почетоци и на улогата што фестивалот ја имал во неговото професионално созревање.
„Токму од Прилеп започна моето лансирање како автор“, истакна Дуковски, потсетувајќи се на времето кога како студент настапил со драмата „Балканот не е мртов“, дело кое во тоа време предизвикало бројни реакции и полемики, но сепак било препознаено од фестивалската јавност и наградено како најдобар драмски текст.
Вечерта започна со отворање на изложба од 75 театарски плакати изработени за претстави поставени според драмите на Дуковски ширум светот. Изложбата претставуваше впечатливо визуелно патување низ богатото сценско наследство на авторот и уште една потврда за неговото меѓународно влијание. Во разговорот со театролозите и публиката, Дуковски зборуваше за драмата како жив организам кој вистински се обликува дури на сцената, преку актерската игра и режисерската интерпретација.
„Драмата не е уметност на самите зборови. Таа е уметност на контекстите и чувствата што тие зборови ги создаваат“, нагласи авторот.

Посебно внимание беше посветено и на неговото најново драмско дело „Црно злато (Опиум или Пари)“, кое веќе привлекува интерес кај театарската публика во регионот. Дуковски го пофали режисерот Оливер Фрљиќ, оценувајќи дека претставата носи свеж и автентичен сценски израз. Во рамките на настанот беа промовирани и двете книги со драми на Дуковски објавени во едицијата „Македонски книжевни класици“. Издавачите оценија дека станува збор за значајно издание кое дополнително го зацврстува местото на авторот во современата македонска литература и театар.
Денот на фестивалот беше исполнет и со тркалезни маси посветени на претставите од официјалната програма, меѓу кои „Калигула“, „Црнила“ и „Челинџ“, отворајќи бројни дискусии за современиот театар, неговата општествена улога и потребата од нови драмски читања и авторски гласови.
Јубилејното издание на фестивалот продолжува да ја потврдува својата мисија – да биде место каде што македонскиот театар не само што се претставува, туку и се преиспитува, развива и создава нови вредности за идните генерации.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
