Македонскиот камерен оркестар Профундис настапи на престижниот фестивал „Софиски музички недели“ (Sofia Music Weeks) во Софија, Бугарија. Овој фестивал на класичната музика, со традиција од 55 години, е познат по својата извонредна програма и високи уметнички стандарди.
По серијата успешни меѓународни гостувања на фестивалите Котор Арт, Раванелиус и гостувањата во Нови Сад, Белград и Италија, Профундис за првпат имаа чест да се претстават пред публиката во Софија.
„Многу сме возбудени и со задоволство ја прифативме поканата да настапиме на фестивалот „Софиски музички недели“. Концерт беше посебен за нас, не само поради репертоарот, туку и поради можноста да споделиме музика со нашите пријатели и колеги од Бугарија. Верувам дека тоа беше незаборавна вечер за сите нас.”, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
На концертот, кој се одржа во престижната сала „BIAD“ во центарот на Софија, настапи и македонскиот виолинист Климент Тодороски и бугарската басистка Маргарита Калчева. Тие изведоа Концерт за две виолини од Ј.С. Бах, во специјален аранжман за овие два инструменти. Покрај ова ремек-дело, на програмата беа и дела од современиот македонски композитор Драган Шуплевски, англискиот композитор Густав Холст, бугарскиот композитор Димитар Христов, како и американскиот композитор Филип Глас.
Инаку, меѓународниот фестивал „Софија музички недели” е водечки бугарски фестивал за класична музика и танц. Основан во 1970 година, со досега 55 изданија, фестивалот претставува природна раскрсница на балканските, европските и светските познати уметници и композитори. Овој настан е мост помеѓу бугарската и светската култура, простор за премиери, современа уметност и иновации, како и мешавина со други жанрови како џез и фолклор. Во рамки на фестивалот секоја година се одржуваат над 50 настани.
