„Шпански танц“ е насловен концертот на Македонска филхармонија кој ќе се одржи в четврток (1 октомври) со почеток во 20 часот, на кој ќе бидат изведени Барокни варијации „Пасчакона“ од македонскиот композитор Благој Цанев и „Кармен свита“ од Бизе – Шчедрин. Со оркестарот ќе диригира Емил Табаков од Бугарија.
Барокните варијации „Пасчакона“ за гудачки оркестар се напишани во стилот на необарокот како што сугерира и самиот наслов на композицијата. Делото е напишано како омаж на творештвото на Јохан Себастијан Бах, во 1985 година, по повод 300-годишнината од раѓањето на композиторот. Во него, користејќи ги музичките придобивки од барокот, Цанев вешто и инвентивно го трансформира опусот на Бах, вметнувајќи свој автентичен печат. Во „Пасчакона“, композиторот се инспирира од двете најпопуларни форми на барокот – пасакаља и чакона, креирајќи моќно музичко дело кое плени со својата јасна структура и едноставност.
„Кармен свита“ е музика за балет во еден чин, а ја напишал во 1967 година за својата жена – примабалерината Маја Плисецкаја. Шчедрин ја опишал адаптацијата на музиката на Бизе како „креативна средба на два ума“. И дал нова свежина и боја, збогатувајќи ја со впечатливи ритми. Балетот бил забранет од советските власти, бидејќи, според нив, адаптацијата на Шчедрин презентирала елементарно непочитување на оригиналното дело на Бизе. Во суштина, Шчедрин успева да ѝ даде нов здив на музиката на Бизе и да создаде креативен омаж, наместо едноставен аранжман. Музиката за балетот е инвентивна и полна со енергија и активно го живее својот интернацинален живот како концертна свита. „Кармен свита“ е музичко дело кое совршено добро функционира и како музика за балет, но и како самостојно уметничко дело кое претставува редовен репертоар на светските оркестри.
