Културо

Љубов, жртва и предавство – Македонската опера и балет ја носи безвременска приказна „Риголето“ од Џузепе Верди на 10-ти октомври во Скопје (Фото)

На 10-ти октомври 2025 година со почеток во 20.00 часот, сцената на Македонската опера и балет ќе биде домаќин на една од најголемите и највозбудливи оперски драми во историјата – „Риголето“ од Џузепе Верди. Делото, кое повеќе од еден век ја плени светската публика, ќе биде изведено со интернационална уметничка екипа и ансамбл кој ветува вечер исполнета со силни емоции, драматична приказна и беспрекорна музика.

Диригент на претставата е познатиот Џанлука Мартиненги од Италија, режијата е доверена на реномираниот Пјер Франческо Маестрини, сценографијата ја потпишува Гилермо Нова од Шпанија, додека костимографијата е на Кристина Ачети од Италија. Македонскиот печат во продукцијата доаѓа преку кореографијата на Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а за хорската изведба се грижат Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.

Во главната улога на Риголето ќе настапи баритонот Леон Ким од Јужна Кореја, додека како Џилда ќе ја слушнеме Биљана Јосифов. Улогата на Војводата од Мантова ќе ја толкува кинескиот тенор Чуан Ванг, а во улогата на Спарафучил ќе настапи македонскиот бас Владимир Саздовски. На сцената ќе им се придружат и Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ и Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.

„Риголето“ е приказна за љубомората, одмаздата и жртвата, напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“. Верди во оваа опера ги открива најдлабоките и најмрачни човечки страсти, прикажувајќи како гордоста и слабостите на луѓето можат да ја уништат љубовта, слободата и радоста. Со музички јазик кој плени и со арии кои остануваат врежани во историјата на оперската уметност, меѓу кои и легендарната „La Donna è mobile”, ова дело е вистинска симфонија на човечките емоции.

Публиката на 10-ти октомври ќе има ретка можност да ужива во оваа неповторлива продукција, која ветува вечер на уметничка магија и драма што остава без здив.

Можеби ќе ве интересира: