Факултетот за музичка уметност – Скопје и оваа година ја продолжува традицијата на одбележување на својот јубилеен концерт, кој по повод 59 години од основањето ќе се одржи во петок, на 5 декември, со почеток во 20 часот, во Големата сала на Македонската филхармонија. Под слоганот „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, институцијата ќе го прослави своето речиси шестдецениско постоење и континуиран придонес во развојот на македонската музичка и балетска уметност.
Како темел на професионалната музичка едукација во земјава, ФМУ останува неизбежна точка на која се оформиле речиси сите генерации на истакнати уметници, изведувачи, композитори, педагози и диригенти што денес ја обликуваат културната сцена во Македонија и пошироко. Воспитувајќи кадар кој чекори по светските сцени и раководи со значајни музички институции, Факултетот уште еднаш потсетува на својата улога како најсилна образовна и артистичка платформа во регионот.
Годинашната концертна програма носи репертоар исполнет со богата стилска и жанровска палета. Настанот ќе обедини голем број изведувачки ансамбли: Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, дувачкиот ансамбл, студентите од Катедрата за балетска педагогија, како и оркестарот од народни инструменти со солисти и изведувачи од Катедрата за џез и популарна музика. На диригентските пултови ќе се најдат проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да ужива во дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле и Вајс, Коен, Сусато, Горецки и Гершвин, како и во македонска традиционална музика и нови композиции на студентите од одделот за џез и популарна музика – А. Голчева и М. Цветановска.
Од ФМУ порачуваат дека овој концерт е повеќе од прослава – тоа е континуитет, традиција и вистинска уметничка мисија која ја дефинира националната културна сцена.
„Ќе ни биде особена чест да ни се придружите во празникот на музиката, уметноста и наследството кое продолжува да генерира нови генерации уметници“, велат организаторите.
Влезот за настанот е слободен.
