На 9-ти и 10-ти јули 2026 година (четврток и петок), со почеток во 20 часот, на сцена 105 во НУ Центар за култура – Битола ќе биде изведена претставата „Повик“. Автор и режисер е Јован Ристовски, а костимограф Марта Дојчиновска.
Во претставата настапуваат:
- Марија Стефановска – Сликарка
- Катерина Аневска – Актерка
- Николе Стефанов – Режисер
- Маја Андоновска Илијевски – Кустос
- Наталија Ристеска – Сенка на Сликарката
- Марија Талеска – Бабар / Мечкар – Сенка на Сликарката
„Повик“ е приказна за современиот уметник, раскажана низ судбината на една млада сликарка која се обидува да ја пронајде вистината во свет во кој уметноста сè почесто станува производ, нарачка и кич.
Претставата отвора прашања за изгубениот идентитет, судирот меѓу личниот интегритет и очекувањата на општеството, како и конфликтот помеѓу слободното творештво и системите што настојуваат да го обликуваат човекот. Борбата на главната хероина не е само професионална – таа е борба да остане човек, да не го изгуби сопствениот глас и да остане верна на својата интуиција. Но, ова не е приказна за поразот. Тоа е приказна за можноста повторно да се роди уметноста и за надежта дека, и покрај политичките, економските и општествените притисоци, човекот сè уште може да ги избере вистината, слободата и автентичноста.

Инспирирана од научните трудови на Карл Густав Јунг, претставата ги истражува архетиповите, сенката и процесот на лична трансформација, отворајќи силни прашања за индивидуалниот и колективниот идентитет. Воедно, ова е и омаж на жените – на нивната сила, мудрост и способност да создаваат, обновуваат и менуваат, затоа што секоја вистинска преродба започнува со храброста гласно да се изговори вистината.
Низ претставата одекнува силната порака: „НИЕ МОЛЧИМЕ.“
Театарската претстава е независен проект, поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Heartefact Fund. Претставата е дополнително поддржана од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia), а партнер и логистичка поддршка е НУ Центар за култура – Битола.
Влезот е слободен. Бесплатните влезници може да се подигнат од билетарницата на Центарот за култура:
- 9 јули – од 10:00 до 12:00 часот и од 18:00 до 20:00 часот;
- 10 јули – од 18:00 до 20:00 часот.
За Музика24 од Прилеп: Христијан Ангелески
