Македонскиот народен театар во среда (26.05) ќе ја има првата премиера оваа година. Се работи за музичката драма „Само глас“ во режија на композиторот Марјан Нечак, а по текст на младата авторка Нина Плавањац.
„Само глас“ е приказна за силна и талентирана жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Позната е само Таа, бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови: на ќерка, на дете, на жена, на љубовница, на ѕвезда, на протагонистка и на антагонистка.Таа е позната актерка која ја губи сопствената доверба и е напуштена од многу помладиот партнер балетан на кого му помогна да ја создаде кариерата. Останува осамена и затворена во својот стан, кој не го доживува како сопствен дом, а единствено друштво ѝ прави само чудниот пајак миленик Тарантула, кој ѝ остана од бившиот партнер. За неа нема надеж дека ќе може повторно да доживее наивна љубовна младост, сега како тоа да е само минато. Во очајна потрага по љубов и афирмација преку интернет го запознава Него, кој наизглед ги опфаќа сите архетипови на совршен маж – спасител, обожавател, љубовник и татко. На почетокот пристоен и слаткоречив тој многу брзо ја стекнува нејзината доверба и таа развива фикција над него, убедена дека во него ќе најде мир, што нејзе најмногу ѝ недостига. Меѓутоа, кога ќе го притисне и кога ќе сфати дека тој не ја говори вистината, Тој во бес ѝ открива дека, всушност, бил реквизитер во театарот каде што таа работела и дека бил многу години опседнат со неа. Додека ја привлекува и ја шармира тој ја дознава нејзината најголема и најчувана тајна – дека таа го остава својот бивш кога доживеал несреќа, и за нејзиниот бивш партнер тоа значело запечатување на неговата кариера. Тој започнува да ја уценува и да ја третира како роба, бидејќи само така може да го добие нејзиното целосно внимание. Сепак, го спречува неговото его да увиди дека Таа глумејќи и манипулирајќи повешто од него го вовлекува во замка.
Ликот на Таа го игра Ѕвездана Ангеловска, а во улогата на Тој со снимен глас се појавува Никола Ристановски. Во претствата учествува и балетанот Мирослав Митрашиновиќ. Текстот го преведе актерката Ангеловска, а преводот на песните од англиски јазик е на Елена Китановска.
Поради експлицитните сцени и реплики, претставата е наменета за возрасна категорија +18.
