Културо

„Турандот“ од Џакомо Пучини – грандиозна музика и драматична приказна на 9 октомври (Фото)

Една од најголемите оперски приказни на сите времиња, грандиозна музика, спектакуларни хорски сцени и арија што ја знае целиот свет. На 9 октомври, со почеток во 20:00 часот, сцената на Македонската опера и балет ќе оживее со безвременското ремек-дело „Турандот“ од Џакомо Пучини – опера која и по еден век од својата светска премиера продолжува да ја воодушевува публиката ширум светот.

Со изведбата ќе диригира Џанлука Мартиненги од Италија, а режијата, сценографијата и костимографијата се дело на светски познатиот оперски режисер Џанкарло дел Монако, име кое стои зад бројни успешни продукции на најпрестижните светски сцени. Кореографијата е на Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска. Во насловната улога на мистичната принцеза Турандот ќе настапи Николина Јаневска, додека улогата на храбриот принц Калаф ќе ја толкува специјалниот гостин од Кина, тенорот Ѕ-Жао Гуо. Улогата на Лиу ќе ја изведе Биљана Јосифов, Тимур ќе го толкува Игор Дуловски, а во останатите улоги ќе настапат Драган Ампов, Никола Стојчевски, Јане Дунимаглоски, Диме Петров и Марјан Николовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Турандот“ е последната опера на Џакомо Пучини и едно од највеличествените дела во историјата на оперската уметност. Композиторот не успеал да ја доврши пред својата смрт во 1924 година, а завршниот чин, врз основа на неговите скици, го комплетирал Франко Алфано. Либретото е на Џузепе Адами и Ренато Симони, инспирирано од драмата на Карло Гоци. Она што ја прави оваа опера безвременска е нејзината извонредна музичка драматургија – моќен оркестарски звук, впечатливи хорски сцени и незаборавни вокални моменти. Посебно место има легендарната арија „Nessun dorma“ („Никој не спие“) – една од најпознатите и најизведуваните тенорски арии во историјата на класичната музика, која и денес претставува симбол на оперската уметност.

Оваа година „Турандот“ одбележува 100 години од својата светска премиера. На 25 април 1926 година, во прочуената миланска „Ла Скала“, публиката првпат ја слушнала последната опера на Пучини. Историската премиера останала запаметена по еден емотивен момент – диригентот Артуро Тосканини ја прекинал изведбата токму таму каде што завршуваат последните ноти што ги напишал Пучини и ѝ се обратил на публиката со зборовите:

„Тука завршува делото на маестро“.

Еден век подоцна, „Турандот“ продолжува да биде една од најизведуваните опери во светот, освојувајќи ја публиката со својата драматична приказна, раскошната музика и силната емоција што ја носи секоја изведба. Љубителите на операта на 9 октомври ќе имаат можност повторно да доживеат едно од најголемите ремек-дела на светската музичка сцена – вечер која ветува врвна уметност, моќни вокални интерпретации и незаборавно оперско доживување.

Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ

Можеби ќе ве интересира: