Во петок, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Ава” (арх.воздух, поднебје, клима) на кој како солистика ќе настапи една од најдобрите саксофонистки во класичната музика – Асја Фатејева од Крим/Германија. На програмата се Рапсодија за алт-саксофон и оркестар од Клод Дебиси, Концертот за саксофон и оркестар „Талахачи” од Јакоб Тер Велдхаус кој ќе биде изведен за првпат во Македонија и Симфонија бр.10 од Дмитри Шостакович. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.
Рапсодијата за алт-саксофон и оркестар, напишана од францускиот импресионист Клод Дебиси, позната и како „Мавританска” и „Ориентална рапсодија” е компонирана во 1911 година, како дело за саксофон и пијано. Оркестрирана е во 1919 година од страна на композиторот Жан Роже Дукас. Напишана во типичниот авторски стил по кој е препознатлив Дебиси. Во неа има музички импресионизам во сите бои и нијанси, меки прелевања и специфична атмосфера, толку препознатлива за музичкиот опус на Дебиси. Саксофонот меко и без претензии ја раскажува приказната, а оркестарот преку интензивниот колорит на мелодиите и оркестарските бои суптилно се надоврзува на солистот и заедно креираат експлозија од емоции, бои и динамика.
