Еден од најпрепознатливите симболи на Скопје – Камениот мост, на 26 септември ќе се претвори во модна сцена за јубилејната ревија на модното студио Кокев, кое одбележува 20 години успешно творештво. По повод големиот јубилеј, Кокев ќе ја претстави својата најнова колекција, во спектакуларен амбиент каде што модата, музиката, архитектурата и сценскиот перформанс ќе се спојат во единствено доживување под отворено небо.
Новата колекција е инспирирана од три моќни и раскошни суштества – лебедот, паунот и рисот, кои ја симболизираат убавината, елеганцијата, силата и автентичноста. Во исто време, тие ја отсликуваат препознатливата естетика на Кокев – доследност, издржливост и верност кон сопствениот моден израз. Особено место во концептот на ревијата има и Камениот мост, чија архитектура и богата историја претставуваат инспирација за создавање на колекцијата. Така, едно од најзначајните културни обележја на главниот град ќе стане дел од модната приказна, поврзувајќи го современиот дизајн со духот на Скопје.
Настанот ќе започне во 19:30 часот со Red Carpet и Welcome Drink, додека јубилејната ревија е закажана за 21:00 часот. Честа да ја отвори вечерта ќе ја има еден од најистакнатите македонски актери, Никола Ристановски, а музичката атмосфера за време на ревијата ќе ја создаде диџеј Соња Исмаил.
По завршувањето на ревијата, прославата ќе продолжи со after party, за кое ќе биде задолжен диџеј Славе.
Програма на настанот:
- 26 септември – Камен мост, Скопје
- 19:30 – Red Carpet & Welcome Drink
- 21:00 – Јубилејна ревија на Кокев
- По ревијата – After Party со диџеј Славе
Две децении креативност, препознатлив стил и модни приказни ќе бидат одбележани на една од најубавите градски локации, во вечер што ветува незаборавен спој на мода, уметност и музика.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
