Музичкиот Балкан денеска се збогува со едно од своите најголеми имиња. На 85-годишна возраст почина легендарниот хрватски пејач Мате Мишо Ковач, уметникот чиј препознатлив глас, неповторлива емоција и безвременски песни оставија неизбришлива трага во музичката историја на поранешна Југославија.
Тажната вест ја пренесоа хрватските медиуми, повикувајќи се на информации од извори блиски до пејачот. Според објавените информации, Ковач починал во болница во Сплит.
Зад него останува кариера каква што ретко се создава – повеќе од пет децении музичка посветеност, над 20 милиони продадени носачи на звук и песни кои одамна престанаа да бидат само музика, претворајќи се во дел од животните приказни на милиони луѓе.
Роден на 16 јули 1941 година во Шибеник, Мишо уште од младоста покажувал посебна љубов кон музиката. Инспирација пронаоѓал во Елвис Присли, а првиот голем успех го постигнал во 1961 година, кога го освоил првото место на натпреварот „Прв глас на Шибеник“. Неговиот талент набрзо го однел во Загреб, каде започнала приказната за една од најуспешните музички кариери на овие простори. Пресвртницата доаѓа со песната „Više se nećeš vratiti“, која му ја отвора вратата кон големата популарност. Во 1969 година станува најпродаваниот пејач на „Југотон“, а победата на Сплитскиот фестивал во 1971 година со „Proplakat će zora“ дополнително го зацврстува неговиот статус на музичка ѕвезда.
Но, вистинското богатство на Мишо Ковач се песните што продолжија да живеат и кога поминаа децении од нивното создавање. „Ostala si uvijek ista“, „Ako me ostaviš“, „Sutra mi sude“, „Drugi joj raspliće kosu, a ja je volim“, „Ti si pjesma moje duše“ и многу други композиции станаа неизоставен дел од музичкото наследство на регионот. Неговите настапи беа приказна сами за себе. Со карактеристичните мустаќи, темните очила и специфичниот начин на интерпретација, Мишо создаде препознатлив сценски идентитет. Често го спушташе микрофонот, дозволувајќи ѝ на публиката да ги отпее неговите стихови. Токму тие моменти најдобро ја покажуваа неговата посебна врска со луѓето.
Пет пати беше прогласуван за пејач на годината, а во 1989 година ја доби и титулата личност на годината во тогашна Југославија. Во 2012 година му беше доделена престижната музичка награда „Порин“ за животно дело.
Зад насмевката и музичката слава, сепак, се криеше и една исклучително тешка животна приказна. Најголемата трагедија ја доживеа во 1992 година, кога го загуби својот 16-годишен син Еди. Таа болка остави длабоки последици врз неговиот живот, а во годините што следуваа се соочи и со други семејни загуби. Сепак, музиката и љубовта на публиката останаа негово прибежиште.
Мишо беше многу повеќе од пејач. Беше еден од симболите на Далмација, голем приврзаник на фудбалскиот клуб Хајдук и човек чии песни станаа дел од идентитетот на Сплит. Неговото име и неговата музика беа нераскинливо поврзани со „Пољуд“, каде илјадници навивачи со години ги пееја неговите најголеми хитови.
Неговото заминување остава празнина што тешко може да се опише со зборови. Но, постојат уметници чиј живот не завршува со последниот здив, бидејќи нивните дела продолжуваат да живеат во гласовите на оние што ги сакаат.
Мишо Ковач си замина, но неговите песни остануваат. И додека некој повторно ќе го запее „Ako me ostaviš“ или „Ostala si uvijek ista“, неговиот глас ќе продолжи да одекнува низ генерациите.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
