Штип синоќа повторно живееше во ритамот на македонската музика. Во Домот на културата „Ацо Шопов“, точно во 20:15 часот, започна првата вечер од 41. издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, фестивал кој со децении претставува една од најзначајните музички манифестации во Македонија.
Очекувањата беа големи, љубопитноста уште поголема. Публиката со нетрпение очекуваше да слушне нови композиции, да запознае нови музички имиња и, секако, да види дали годинашното издание ќе понуди песни кои ќе продолжат да живеат и по завршувањето на фестивалските вечери.
Но, да бидеме искрени – првата вечер не ги исполни во целост очекувањата. Иако имаше неколку светли моменти, впечатокот е дека добар дел од композициите не успеаја да го достигнат нивото што го заслужува еден фестивал со традиција како „Макфест“. Некои настапи оставија впечаток на недоволна подготвеност, а кај дел од изведувачите недостасуваа сигурност, сценска енергија и онаа музичка убедливост што прави една песна да биде запаметена. Фестивалската сцена бара повеќе од само појавување пред микрофонот – бара песна, интерпретација и емоција.

Сепак, меѓу сите настапи имаше и такви кои навистина заслужија внимание. Особено се издвоија младите момци од групата Артефакт, кои со композицијата „Вистина“ успеаја да го привлечат вниманието на присутните и да предизвикаат искрени, силни аплаузи. Нивниот настап беше еден од ретките моменти кога реакцијата на публиката дојде сосема природно, без потреба од дополнително поттикнување. Енергија, став и впечаток дека на сцената стојат музичари кои имаат што да кажат. Браво, Артефакт!

Посебно внимание заслужува и потегот на организаторите кои преку видео и музички потсетник му оддадоа почит на Владо Јаневски, еден од најпрепознатливите македонски музички изведувачи, кој со своите песни остави значаен белег и на сцената на „Макфест“. Иако не беше најавено на прес-конференцијата, убаво беше што фестивалот најде начин да се потсети на неговото творештво и придонесот за македонската музика. Ваквите моменти се важни, затоа што „Макфест“ не е само фестивал на нови песни, туку и дел од нашата музичка историја.

А кога станува збор за вистински сценски настап, една личност несомнено ја одбележа вечерта – Антониа Гиговска.
Додека публиката гласаше, Антониа со својата музичка интерпретација покажа како изгледа кога на сцената застанува изведувач кој знае да ја искористи секоја секунда. Во придружба на пијано, таа исполни дел од своите познати песни, но и неколку од најголемите макфестовски хитови. И токму тогаш се случи она што можеби недостасуваше во добар дел од натпреварувачките настапи – вистинска комуникација со публиката, емоција и сигурност во изведбата. Публиката пееше заедно со неа, аплаудираше и уживаше во секој момент. Антониа не мораше да докажува многу – едноставно покажа како се гради сценски настап и како музиката се пренесува до луѓето.
Не е доволно само да се испее песна. Потребно е таа да се почувствува, а потоа да се пренесе и на оние што ја слушаат. Токму тоа го направи Гиговска!

Денеска, со почеток во 12 часот напладне, ќе се одржи прес-конференцијата на која ќе бидат соопштени шесте композиции што обезбедија пласман во вечерашната ревијална вечер. По првата фестивалска вечер, останува да видиме дали продолжението ќе донесе повеќе музички изненадувања, поквалитетни интерпретации и песни кои навистина ќе имаат потенцијал да станат дел од македонската музичка ризница.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
