Берлинската компанија за музичка технологија Future Audio Workshop работи на посебен нов систем што се нарекува GTI (Geo Track ID), преку кој ќе може да биде идентификувана музиката што ја пуштаат диџеите во клубовите. Целта е да им се даде можност на организациите за авторски права, во име на издавачките куќи да бележат колку точно пати нивната музика се пушта во клубовите, што треба да придонесе за поеднаква распределба на надоместоците за авторски права. Нов систем ќе ја идентификува музиката што свири во клубовите.
“Досега, беше екстремно тешко за организациите за авторски права да добијат детални информации за музиката што се пушта во клубовите. Повеќето вакви организации се потпираа на ад хок методи, што носеше неточни резултати”, велат од компанијата. Сегашните методи користат алгоритам кој “влече” резултати врз основа на параметри како продажбата на музиката, што не ја одразува состојбата во андеграунд клубовите во кои се пушта хаус и техно музика. Сепак, овие клубови мораат да плаќаат исти износи за авторски права како и клубовите во кои се пушта комерцијална музика.
Системот GTI вклучува посебна кутија која се вклучува во звучниот систем во клубот, за да ја анализира музиката која свири. Податоците одат во серверот на GTI, каде се чуваат во заштитена база. Повеќето “отпечатоци” на музички нумери на GTI доаѓаат од базата на Juno, една од водечките светски продавници за клупска музика. Според компанијата FAW, точноста во идентификувањето на анализираната музика е 90 проценти. Системот веќе се тестира во клубот Prince Charles во Берлин, а првичните оценки се позитивни. Според компанијата, тој ќе овозможи по фер распределба на заработката и заслужени хонорари за луѓето кои ја продуцираат музиката.
Извор: Радио МОФ
