Музика на кирилица

Виолета Томовска: 60 годишниот јубилеј ќе го прославам со голем роденденски музички концерт

Неодамна меѓугодинашните добитници на високата државна награда “Св. Климент Охридски”, која се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес, се најде и нашата позната македонска естрадна уметница Виолета Томовска. Како што вели таа за дневното списание “Нова Македонија”, за време на 60 годишна музичка кариера снимила над 1.000 песни, одржала голем број концерти дома и во многу земји во светот, снимила плочи со тиражи од 100.000 примероци за ПГП РТБ, пеела пред познати светски личности и секогаш била достоинствен амбасадор на својата држава.

“На почетокот пеев забавна музика, а песни за мене пишуваа: Димитар Масевски, Драган Ѓаконовски-Шпато, Александар Џамбазов. Всушност јас од дете ги познавав повеќето автори, бидејќи мојот вујко е оперскиот пејач Благоја Петров-Караѓуле, а тетка ми беше певицата Блага Видец. Музиката постојано била дел од мојот живот, бидејќи и во моето пошироко семејство има многу музичари и пејачи. Сепак, за текот на мојата кариера пресудно беше моето доаѓање во Скопје и зачленувањето во КУД “Орце Николов”, каде што оркестарот го водеше Кочо Петровски, а таму почна и мојата соработка со Јонче Христовски. И така кога требаше да одберам дали ќе пеам забавна или народна музика, животот ме однесе кон фолклорните води. И не зажалив. Во земјотресот во Скопје, 1963 година го загубив мојот вујко Караѓуле, но сепак заминав на турнеја со КУД “Орце Николов” во Америка, каде што почнав да пеам во дует со Кирил Манчевски”, вели за “Нова Македонија” пејачката Томовска.

Таа меѓудругото додава дека работејќи со националниот ансамбл “Танец” добива можност и покана од ПГП РТБ да стане нивни ексклузивец, таа во тој период со познатниот македонски пејач Кирил Манчевски снима голем број на македонски песни, од кои ќе ги споменеме “Македонско девојче”, “Ој, Вардаре македонски”, “Едно име имаме” на Јонче Христовски, “Молитва” на Миле Барбаровски… кои и ден денес претставуваа и се еден вид на химна на македонскиот народ.

Таа се уште има планови и сака да работи, снима и да биде активна на македонската музичка сцена. Во моментот соработува со инструменталистот Тимко Чичаковски, кој свири на канон што би требало да значи дека од сета таа соработка ќе имаме готов производ – носач на звук или ново цд.

“Додека ме држи грлото ќе снимам и ќе пеам, зашто само ако работиш оставаш трага. Се надевам дека ќе имам можност да направам и едно цеде со моите најубави песни, а секако шеесетгодишниот јубилеј да го одбележам и со еден роденденски концерт, на кој ќе ги повикам сите мои соработници, колеги и пријатели”, додава Томовска.

Можеби ќе ве интересира: