Таа е позната радио и тв водителка, многумина знаат да кажат убавата водителка од Прилеп. Зад себе има многубројни тв проекти, музички емисии и што ли уште не… Уредник за Македонија во познатиот интернет портал “Свет-Аустралија”, и ако прочитате некој скокотлив и интересен текст за некој од музичките имиња на македонската музичка сцена, претпоставувате дека тоа е таа, секогаш оргиналната и без влакна на јазик. Билјана Крнческа за музичкиот портал Музика24 зборува за евровизискиот скандал околу спорното видео.
“Мислам дека евровизискиот тим заедно со Гарванлиев направи паметен потег со одлуката да се премонтира спотот и да се отфрли спорната сцена која предизвика силен револт меѓу македонците ширум светот. И покрај демантот на пејачот дека не станува збор за бугарско знаме, туку за симбол инспириран од Исус Христос, лавината од жестоки реакции по друштвените мрежи не можеше да се сопре. Едноставно песната за која мислам дека е квалитетна и како музика и како вокална интерпретација падна во сенка и сето внимание се насочи кон вертикалната тробојка. Практично спотот ако не се преработеше ќе и направеше харикири на песната, а Васил ќе беше губитник уште пред да почне да се натпреварува. На ваков начин и покажа на нацијата дека не сака да ја разгневува и политички провоцира и најде соломонско решение. Знам дека ќе има многу што заради тој гест и понатаму нема да му веруваат, но негово беше да се корегира.
Според мене треба и лично да се појави на јавниот сервис и да ги образложи околностите, па ако треба и да се извини, затоа што тој веќе влегува во кампања во која е најбитно да има што поголем број на поддржувачи. Она што лично му го забележувам е апсолутното игнорирање на новинарите и медиумите кои побаравме изјави од него. Тој не најде начин да не удостои барем со една официјална изјава сите, туку се однесува аутистично како да не станува збор за евровизиски преставник на една земја. Мислам дека греши и што порано ја увиди грешката и се корегира тоа ќе биде подобро и за него и за неговот евровизиски пласман зошто видовме преку примерот од Тамара дека гласањето на крај најмногу зависеше освен од песната и од дијаспората…”, изјави Крнческа за Музика24.
