Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар кој долги години ја следи Евровизија,чие мислење се почитува,за Музика24 одговори само на едно прашање; Зошто би се менувало нешто, доколку го нема?
“Васил Гарванлиев оваа година ќе настапи со ала “филмска музичка тема” не со препознатливо евровизиска, но со исклучително висок музички и артистички квалитет. Иако е прашање на вкус, лично мене ми се допадна необичната песна и одличниот саунд, зад која стојат навистина поп-професионалци од голем формат, како еден Давор Јордановски, аранжерот на “Here I stand”. Спотот е изработен модерно, сепак не во толку експресивен манир како минатогодишниот на Васил “You”, но ваквиот концепт овој пат го бара спонтаната балада.
Фрката што се крена околу снимената симболика на уметничко дело во спотот, кое е во боите бела, зелена, црвена (како бугарското знаме) е мотив од уметничко дело на ѕид во наш музеј, а некои го припишуваат на политичка намера, еден вид “пробен балон” да видат како ќе реагира публика. Тешко е тоа да се дознае, ако потекнува од “скриени кујни” и може само да нагаѓаме, но не и да знаеме точно дали е така. И за самиот режисер верувам било очекувано дека ќе се покренат одредени национални реакции и контрареакции, освен ако и самиот не знаел како изгледа бугарското знаме (во ова тробојка имаме и италијанското и унгарско знаме, на пример, но актуелната политичка состојба за нас го прави видливо само бугарското).Секоја земја во своите евровизиски спотови, понекогаш си вметнува препознатлив симбол кој ќе ја означи таа земја, дали ќе е нешто од традицијата, знаме, споменик или амблем, а и пожелно е да се вметне заради распознавање. Во случајов, иако навидум не е бугарското (или било кое знаме во таа комбинација на бои), некако навистина двосмислено делува. И се отвора прашање, зошто на пример не се снимало покрај уметничко дело во црвено жолта комбинација, она што сме ние?
Но, ако мислите зошто МТВ со новата монтажа “трга нешто што вели не постои”, односно “замисленото бугарско знаме” , МТВ го прави вистинскиот потег.Како куќа која стои зад изборот добро е што реагира соодветно на реакцијата на народот, и благовремено пред истиот да биде изгледан во Европа. Во случај кога се употребува знаме (или нешто налик на тоа) од друга земја, може да реагира и самата земја или и самиот организатор ЕБУ, иако ретко се случувало тоа, можеби и повеќе од невнимание, бидејќи земјите самите си ги почитуваат симболите и националните обележја. Секој претставник ја претставува својата земја и пишано и непишано правило е неговата презентација да е во рамките на тоа правило. Инаку, државно знаме, амблем, грб и слични знаци и обележја, не се дозволени во рамките на изведбата на пејачот на сцената на Евровизија.
Како и да е, новата монтажа ќе придонесе да се смират страстите и да го испратиме пејачот во попозитивна атмосфера, а во иднина да се има на ум да не се случуваат вакви грешки. Ни случајно.
