“All My Love” е најновото издание на Галоски, а веќе од утре се подготвува за интернационална турнеја!
Кога ќе го слушнеме уметничкото име Галоски асоцира на голем талент, амбиција, дисциплина, посветеност, емоција, љубов… Oгромна желба и страст кон творењето музика, а со тоа и позитивна енергија пренесена на неговите настапи во Македонија и ширум светот.

Дека е еден од најдобрите и најуспешните диџеи и продуценти од земјава со историски најголем постигнат успех, кој што успеа да ја стави Македонија на мапата на светската електронска музичка сцена, говори и фактот дека има потпишано договори со најголемите издавачки куќи за електронска музика во светот како Armada Music која е во сопственост на светската денс икона Armin van Buuren, Spinnin Records со која соработката им започна уште од месец мај 2019та година, а на почетокот на оваа година Галоски потпиша ново издание со неа, Universal Music и многу други. Одликуван е од елитната музичката листа 1001 tracklist на 69 тото место во најдобрите светски продуценти за електронска музика.

Имаше свој диџеј-сет пред настапот на Тиесто во Скопје со кого е во одлична комуникација и соработка. Во јуни 2021 год. беше одликуван како артист на месецот и ја доби титулата Future Star Artist (потенцијална идна ѕвезда) од страна на најголемиот музички фестивал во светот Tomorrowland. Основаше и сопствена издавачка куќа Unlimited Fuego, чии изданија имаат милионски преслушувања на Spotify и се поддржани од најголемите диџејски имиња во светот како Тиесто, Дејвид Гета, Мартин Гарикс, Хардвел, Афроџек, Стив Ајоки, Ники Ромеро, Дипло, Алесо и др…


Деновиве Галоски го објави своето најново издание насловено како “All My Love” и за само неколку дена од објавувањето, именувано е како “Hottest Record Of The Week” (Хит на неделата) на SiriusXM – еднa од најпознатите радио мрежи за електронска музика во САД и има висок рејтинг и комплименти од страна на BBC1 Radio, a може да го слушнеме скоро на сите радиостаници ширум земјава. Веќе го нарекуваат хитот за лето 2023.
Инаку вокалот на песната е Louise Lindberg-Lucky Lou која претходно имаше издание со светската денс икона Армин ван Бјурен и композиторот Јарослав Поликарпов чие име може да го сретнеме на изданија од артисти на рангот на Coldplay/Ofenbach, Armin van Buuren, Icona Pop, Felix Jaehn и многу други.
Вели дека на настапите ги полни батериите… само последниве години позади себе има успешни интернационални настапи во најпознатите ноќни клубови ширум светот како и реномирани музички фестивали вклучувајќи Ултра Мјузик Фестивал во Сингапур, Си Денс Фестивал во Будва, Охрид Колинг, Скопје Колинг и др…,а беше именуван како “македонскиот гениј” од страна на Егзит фестивал во Србија.

Веќе овој викенд започнува неговата интернационална турнеја која ги вклучува највозбудливите светски дестинации и градови како Токио, Сингапур, Банкок, Осло, Хамбург и настапи ширум земјава. Во сабота на 4ти Март ќе настапи во клуб V2 Tokyo, станува збор за еден од најпознатите и најпопуларни ноќни клубови во Токио, каде што како дел од листата на артисти кои настапуваат и гости може да сретнете имиња Justin Bieber, One Direction, Neymar, Dr Dre, The Chainsmokers, The Black Eyed Peas, Florida, Ne-Yo и други.

И по пет години нашиот Галоски успева повторно да го распродаде клубот, а неговата “All My Love” е во топ 10 на музичките топ листи во Јапонија.

Во прилог листата на засега познатите интернационални и настапи и во нашата земја.

Галоски е еден добар пример за младата популација кој во секоја можност им испраќа порака на младите дека никогаш не треба да се откажуваат од својот сон и дека напорно треба да работат за неговото исполнување – тоа го искажува и преку неговата трака “Never Give Up”.
Денес полни 32 години и треба да биде горд што успешно се лансира на светската музичка денс сцена, а екипата на музичкиот портал Музика24 му посакува СРЕЌЕН РОДЕНДЕН со желби за добро здравје и успех во претстојната интернационална турнеја, да продолжи и понатака да биде достоен музички амбасадор на нашата земја и високи дострели во светската кариера.
