Кон почетокот на ноември, на музичкиот фестивал “Еврофест”, кој ќе се одржи во Скопје, награда за животно дело ќе му биде доделена на музичката легенда Гарабет Тавитјан. Бидејќи фестивалот е со меѓународен карактер, оваа година падна одлука наградата за животно дело да ја понесе токму познатиот и неуморен тапанар од Скопје. Неговата биографија е преполна со достигнувања, а професионалните и колегијалните принципи на овој легендарен музичар и ден денес ги отвораат вратите за него каде и да тропне, и на домашен терен, и на сите негови музички дестинации низ Балканот и пошироко.
Гарабет Тавитјан е врвен македонски тапанар, со ерменско потекло. Тој некогаш беше и член на култната група “Леб и сол”. Освен како тапанар, во неколку песни се појавува како вокал (како на пример песната “Распукала Шар Планина”). Претходно беше член на неколку други скопски групи, а подоцна е основач и на составот “Парамециум” во кој членуваа и неговите синови Диран и Гаро, кои сега се познати како “Браќата Тавитјан”.
Изминативе години, во двата албумски проекти за музичко обединување на Балканот- “Македонското срце чука во 7/8” на Браќата Тавитјан, Гарабет ја имаше клучната улога, обезбедувајќи ги најпознатите пејачки ѕвезди од бившите ју простори, негови колеги, соработници и почитувачи. Минатата година на Градскиот стадион во Скопје, по повод 8 септември, Денот на осамостојувањето на Македонија, се одржа концерт со сите тие пејачи, и во живо ги испеаја народните македонски песни, кои се најдоа на албумите. Најавено е и трето продолжение на албумот. Гарабет е еден од ретките вистински примери во македонската културна сцена и антологија, почитуван во земјава, на Балканот и во едни пошироки рамки.
Подготви: Редакција Музика24
