Откако минатата година Владата на Република Македонија распиша конкурс за пејачи и композитори кои ќе напишат или изведат песни кои меѓудругото се наменети и за промовирање на семејните вредности, деновиве познати се добитниците на музичките државни субвенции. Според резултатите, државата за промовирање на семејните вредности ќе ги субвенционира Елена Петреска – Толевска и Елвир Мекиќ, додека како композитори кои ќе промовираат македонска народна песна ќе ги субвенционира Јован Јованов и Ѓорѓи Крстевски.
Единствени изведувачи рангирани во категоријата “Ѕвезди” кои ќе добијат субвенции од државата за нивните музички проекти се познатиот фолк пејач Миле Кузмановски, како и фронтменот на групата “Куку Леле” Роберт Саздов. Тие од државата добиваат најголема финансиска помош која изнесува 4.000 илјади евра односно 3.000 илјади евра за звучно снимање на песна и 1.500 илјада и петстотини евра за снимање на видео спот.
На официјалниот веб на националниот македонски сервис Македонската радио-телевизија е објавен конечниот список на изведувачи и композиции кои на вториот квартален конкурс биле субвенционирани. Во категоријата “Врвен изведувач” е субвенционирана само една песна и тоа на авторите Дамјан Лазаров и Елвир Мекиќ во изведба на Ламбе Алабаковски. Од МРТВ ја објавија и листата на композитори и изведувачи кои на овој конкурс не се прифатени односно одобрени. Меѓу нив ќе ги споменеме “Нокаут”, Адриан Гаџа, Ѓоко Таневски, Слаткаристика, ДНК, “Синтезис”, Влатко Лозановски, Тамара Тодевска… А од изведувачите на народна музика, овој пат субвенции за своите музички проекти не добија Наум Петрески, Соња Тарчуловска, Ефто Пупиновски и Ирена Спасовска.
Подготви: Елена Ивановска
