После првиот и вчерашен концерт во градот на конзулите, Битола, вечерва во Скопје се одржа и вториот концерт во организација на Камерниот оркестар на Битола, а посветен на ликот и делото на нашата музичка легенда, големиот Јонче Христовски.
Концертот, симболично започна со актер на сцената кој со неговите движења, фрлање на палтото и сето она што тој го правеше потсетуваше на Јонче, оној Јонче со кој ние пораснавме, а денешната млада генерација за жал не го памети и на моменти се потсмева со она што тој пеел и што и како работел.
И малку се овие два концерти кои благодарение на Камерниот оркестар од Битола и вчера и денес, ние почитувачите и слушателите на неговата музика едноставно уживавме во она што тој го остави, а останатите само ги пееја неговите песни и се обидуваа барем на миг да го доловат она што навистина недостасува на сцената.
Со сета почит и задоволство ќе ги пофалиме одличните Елена Андоновска, Душко Георгиевски, Ленче и Горан Кукиќ, Виолета Томовска, Ристо Самарџиев…кои освен песната, на сцената на Македонската опера и балет доловуваа и раскажуваа приказни доживеани и преживеани токму со него, нешто што ќе остане да се памети и прераскажува.
Пеце од “Суперхикс” ја имаше честа да ја отвори вечерта со две композиции од Јонче кои што се шегобијни и кои македонската публика ги знае како весели, ведри и хумористични. По него се редеа младата битолчанка Агну Авшар, Душко Георгиевски, Елена Андоновска која што ја крена публиката со песната “Едно име имаме” – новата македонска химна, веднаш потоа на сцената излегоа Ленче Кукиќ и Горан Кукиќ кој па со својот глас скоро идентично го отпеа големиот и познат хит “Виното и песната лек за душата…”. За пред речиси самиот крај на концертот, Ристо Самарџиев кој што излезе на сцената раскажа како и на кој начин го запознал Јонче, а веднаш потоа ја отпеа антологиската и вечна “Ако умрам ил загинам”. Како јаготка на шлагот беше излегувањето на сцената на Виолета Томовска која излезе заедно со својата ќерка Невена на која Јонче и ја има посветено познатата “Македонско девојче”. На сцената се појави и Невена, ќерката на Јонче Христовски која емотивно и во силзи се заблагодари за овие два преубави концерти посветени токму на него, на нашата македонска музичка легенда. Како и секогаш, и овој пат, Виолета Томовска само во нејзин препознатлив стил ја отпеа одличната и никогаш заборавена “Македонско девојче”, за на самиот крај сите оние кои испеаа песни да излезат на сцената и заедно ја отпеаа преубавата македонска “Ој Вардаре Македонски”.
Ако можеби шегобијно и хумуристично започна овој концерт, истиот заврши емотивно со многу солзи кај публиката, емоции кои не можат ниту да се опишат ниту да се прераскажат единствено може да се доживеат.
Музика24 како дел од овој голем настан како од првиот во Битола, така и вечерашниот втор концерт во Скопје преку видео ви го доловува крајот на концертот и дел од сите оние емоции за кои предмалку пишувавме и ги споменавме.
Концертот беше во организација на Камерниот оркестар на Битола на кои сме им премногу благодарни, а истиот го снимаше и реализираше Телевизија Сител која што наскоро ќе го емитува на својата програма.
Видео: Музика24.мк
