Музика на кирилица

Александар Јосифовски и „French Olives“ ќе настапат како предгрупа на „Дивље јагоде“

Александар Јосифовски кој јавноста го запозна преку учеството на „Ѕвездите на Гранд“, заедно со неговиот бенд „French Olives“ ќе настапат како предгрупа на концертот на култните „Дивље јагоде“ во Битола. Концертот  ќе се одржи во среда (21.07) на Ракометното игралиште во Битола.

Александар стекна голема популарност со „Ѕвездите на Гранд“ и важи за млада надеж на македонската рок-сцена. Тој во март оваа година настапи заедно со Зеле Липовача и „Дивље јагоде“ во специјална концертна емисија во БиХ. Покрај Јосифовски, гости во емисијата беа и Младен Војичиќ – Тифа и неговата ќерка Сара. Ова ќе биде прв поголем настап на „French Olives“ по настапот на Александар во „Ѕвездите на Гранд“. Сцена продукција секогаш ги поддржува македонските изведувачи, токму затоа одлучија да го поканат Александар и неговиот бенд да се претстават пред бројната публика од Битола, регионот но и цела Македонија.

Покрај култните „Галија“ и сега „Дивље јагоде“, Сцена продукција минатата година организираше концерт на познатите „Нокаут“, шоуменот Игор Џамбазов и рок легендата Венко Серафимов. Оваа година, ден пред концертот на „Дивље јагоде“, на истата локација својот 20-ти роденден со концерт ќе го прослави и реномираниот македонски етно-состав „Љубојна“.

Можеби ќе ве интересира: