Музика на кирилица

Калиопи ја заокружува триумфалната 2024 година со ново изненадување (Видео)

2024 година беше повеќе од блескава за Калиопи – година исполнета со значајни јубилеи, успешни проекти и незаборавни моменти со публиката.

На самиот почеток на годината, таа заедно со својот долгогодишен соработник и продуцент Ромео Грил, го претстави новиот албум насловен „Албум“. Промоцијата на албумот кулминираше на крајот на мај, кога беа објавени четири нови видеоспотови, со што на најубав начин беше одбележан јубилејот – 40 години заедничка соработка.

Летото донесе вистинска музичка еуфорија! Калиопи одржа серија спектакуларни концерти низ Македонија – од магичниот Охрид до музичката вечер во Битола, завршувајќи со величествениот концерт во преполната арена „Борис Трајковски“ во Скопје. Овие настани беа потврда за огромната љубов и посветеност што постои помеѓу Калиопи и нејзината публика, како и за моќта на музиката што ја создава цели четири децении.

Пред да ги започне подготовките за регионалната турнеја, Калиопи ја заврши годината со уште едно големо изненадување. Во соработка со Мелем продукција, таа го објави седмиот видеоспот од албумот – за песната „Дај, дај ми дај“.

Видеоспотот е создаден во партнерство со Халкбанк и е совршен начин да се честитаат претстојните новогодишни и божиќни празници. Комплетен автор на песната е Ромео Грил, додека текстот, исполнет со емоции и инспирација, е дело на самата Калиопи.

„Среќна сум и благодарна што имав ваква година. Сакав на посебен начин да се заблагодарам на сите што придонесоа за оваа среќа, но и да пратам порака до сите луѓе – никогаш да не престануваат да веруваат во себе, во доброто и во споделувањето љубов. Песната ‘Дај, дај ми дај’ е потсетник дека секој од нас има сила да оствари сè што сака“, изјави Калиопи.

Видеоспотот за „Дај, дај ми дај“ веќе ја освојува публиката, а песната е уште една потврда за исклучителниот музички талент на Калиопи. Со ова издание, таа ја завршува една од најуспешните години во својата кариера, подготвена за нови музички предизвици во 2025 година.

Можеби ќе ве интересира: