Ивона Јо, со својата емотивна и искрена изведба на песната „Себично“, го освои вниманието на публиката на овогодинешниот „Макфест“ во Штип. Сега слушателите не само што можат да ја почувствуваат емоцијата преку музиката, туку и да ја видат преку визуелната магија на видеоспотот, кој е вистинско огледало на силната порака што ова дело ја носи.
Зад создавањето на „Себично“ стои талентираниот тим: Илија Ќосевски, кој ја компонираше музиката, и Весна Малинова, која ги испиша стиховите. Видео записот е дело на 2by4 Production, режиран од Ени Вучидолова, која успеа да ја пренесе емотивната длабочина на песната.
Ивона ја опишува „Себично“ како песна што ја одразува нејзината лична борба со болката и нејзиното ослободување од кругот на самодеструктивност.
„Оваа песна е мојот пат до себеси. Сакам да покажам дека секој од нас има поубаво место за живеење, подалеку од болката и негативните емоции. Светот има потреба од емпатија, добрина и љубов. „Себично“ е мојот начин да придонесам за некој поубав свет“, вели таа.
Видеоспотот го прикажува патувањето низ темнината на емоциите, каде што Ивона е осветлена со силен зрак светлина, симболизирајќи надеж и излез од мракот. Сенката, која ја следи, го отсликува товарот на болката, додека хаотичните движења и трепкачкото светло го доловуваат внатрешниот хаос.
Со „Себично“, Ивона не само што ја споделува својата приказна, туку и ги повикува слушателите да пронајдат сила за ослободување од сопствените товари и да се поврзат со своето поубаво „јас“.
