Со прекрасна, горда и позитивна насмевка, денес во кафулето во спортската арена „Борис Трајковски“ не пречека нашата позната македонска поп дива Калиопи. Позитивно расположена и среќна поради она што следеше не покани да влеземе и заедно со неа да го имаме нашиот денешен појадок – доручек со Калиопи. Откако неофицијално со сите колеги новинари се поздрави, милно и пријателски не изгушка, не покани на кафе муабет, а секако потоа и на вкусна и задолжителна закуска.
Повод за ваквата неофицијална среба или дружење со Калиопи е претсојниот концерт на поп дивата кој што е закажан за 19-ти октомври во спортската арена „Борис Трајковски“.
„Подготвувајќи се за саботниот концерт, верувале вие или не, ги пропуштав сите доручеци. Денес е последниот 12-ти ден кога завршувам со таканаречената предконцертна режим диета и морам да се пофалам дека ослабнав осум килограми. Знаете ли што ми беше желбата? Да си дојдам до посакуваната килажа, онаа од Баку од евровизискиот настап на „Црно и бело“ и ми недостасуваат уште 4-5 килограми, но добро е, и вака е супер“, изјави Калиопи.
Инаку, како што дознаваме ексклузивно, „Обои ме“ е хит песната со која што Калиопи ќе го отвори својот голем солистички концерт во Скопје, после речиси една деценија. Концертот ќе трае два ипол до три часа, бидејќи е посебен и голем.
„Во сабота, на концертот ќе има и неколку музички изнанадувања. На сцена со мене ќе се појават и Марко Маринковиќ (Слаткаристика), специјално од Белград ќе ни допатува Жељко Самарџиќ, и вечерва доаѓа Ромео… тоа ќе биде една посебна, посебна ноќ. Знаете, емоцијата не се глуми. Емоцијата може да се глуми само на филм па дури и тогаш актерите се трудат да ја постигнат онаа најсовршена форма на одраз на емоцијата и ликот кој што го глумат. Јас мислам да беше некој друг на моето место и да го глумеше она што ја го живеам, попатно ќе се умореше во првите две години. Мислата е чудо. И сметам дека сцената одсекогаш била моето најсвето место, моето светилиште и таму се чувствувам најмоќна, несупериорна туку ќе речам најдарежлива. Таму можам да го подарам она што најмногу сакам да им го дадам на луѓето и сметам дека во тој случај големи размислувања околу тоа нема, а тие три минути во Баку јас ќе ги паметам засекогаш и не само тие три минути, туку тие две недели кои што дополнително ме исцедија. Енергија имам, желба имам и љубов имам и што е најважно имам публика. Песните се тие кои што ме одржуваат во живот.“, вели Калиопи.
Калиопи одржа неколку концерти во текот на летото и тоа на Хераклеа во Битола и на Античкиот театар во Охрид. 19-ти октомври е закажан за концертот во Скопје кој ќе се одржи во спортската арена „Борис Трајковски“ во сабота, во организација на „Прагма продукција“, со што ги заокружува настапите во земјава и продолжува со концерти во регионот во текот на следниот период.
Подготви: Иван Јосимовски
Фото: Музика24
