Пред шест години, во утринските часови, Македонија со неверување ја прими веста која дојде од Хрватска. Останавме без својот музички ангел, без ѕвезденото момче со кое се идентификуваа многу млади луѓе и чија енергија и насмевка остануваше долго. Денеска се навршуваат шест години од трагичната смрт на извонредно талентираниот македонски пејач Тоше Проески, кој и денеска останува секојдневно присутен во мислите и сеќавањата на целиот македонски и балкански народ.
Во текот на својата кратка, но исклучително успешна кариера Тоше остави 11 албуми и голем број на снимени материјали. Македонија со гордост се сеќава на делото и на пораката која преку музиката ни ја остави најголемата ѕвезда родена на овие простори. Со својот талент кон музиката и хуманоста која секогаш ја покажуваше, Тоше останува како синоним за човечка големина во секој поглед.
Тоше Проески е роден на 25-ти јануари 1981. година во Прилеп, но уште од раното детство живеел во Крушево. По завршувањето на основното образование во Крушево, школувањето го продолжи во Битола, во средното музичко училиште, а потоа и на музичката академија во Скопје. Првите допири со музичката сцена ги имаше на неколку детски фестивали, а својата блескава кариера ја започна на фестивалот “Мелфест” во 1997 година. Истата година имаше и забележителен настап како дебитант на фестивалот “Макфест”, по што веќе беше јасно дека е родена новата ѕвезда во македонската музика.
Во 2004-та година со песната „Ангел си ти”, достојно ја претставуваше Република Македонија на изборот за песна за Евровизија. Голем број на музички награди и признанија говорат доволно за неговиот вистински талент за музика. Покрај тоа што беше извонреден пејач, Тоше беше и голем хуманитарец. Во 2004-та година беше именуван за Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Овој голем музички херој беше миленик на сите генерации, со својот извонреден глас ја освојуваше публиката на сите свои настапи. Незаборавно е големото дело кое го остави Тоше Проески и неговата идеја за обединување на сите луѓе токму преку музиката.
Кобното утро, околу 06:25 часот, на два километри од клучката кај Нова Градишка, дојде до судир на возилото на Проески “Фолксваген Туарег” и камион. Во возилото освен Проески, кој спиел на совозачкото седиште, беа и менаџерката Лилјана Петровиќ и Ѓорѓе Ѓорѓески од Скопје, кој седел зад управувачот. Причините за несреќата до денес останаа неразјаснети, а се претпоставува дека до неа дошло поради недоволна оддалеченост меѓу возилата. Според хрватската полицијата, 26-годишниот Тоше загинал на лице место, а возачот на “Туарегот”, Ѓорѓески и менаџерката Петровиќ, која беше полесно повредена, беа превезени во болницата во Нова Градишка. Тоше во Хрватска патуваше поради претходно договорени ангажмани, само десетина дена по спектакуларниот концерт на Градскиот стадион во Скопје.
И оваа година со низа манифестации се одбележува годишнината од смртта на Проески. Во црквата во неговото родно Крушево, утрово во 06:20 часот, во времето кога пред шест години се случи трагедијата во близина на Нова Градишка, се одржи литургија во спомен на прерано починатата пејачка ѕвезда. Одбележувањето продолжува во 10.30 часот со членовите на ликовната секција од ОУ “Никола Карев” (училиштето во кое учел и Проески), кои ќе го цртаат ликот на својот идол, а точно напладне се очекува да пристигнат и маратонците кои во чест на Тоше секоја година трчаат од Нова Градишка до Крушево.
Нивниот дочек ќе биде организиран на платото на Гумење, каде што крушевчани, претставници на фондацијата „Тоше Проески“, фанови и почитувачи, ќе ги поздрават маратонците. Присутните потоа ќе се преселат во Спомен-куќата “Тоше Проески” каде што ќе бидат интерпретирани литературни творби посветени на Тоше од страна на учениците од средното училиште од Крушево “Наум Наумовски – Борче”. Паралелно со активностите околу одбележувањето на шестгодишнината од смртта на Тоше, интернационалната фондација “Тоше Проески” најавува и други проекти:
“Во тек е доработка, доснимување на видеозаписот за песната “Жао ми је”, кој беше пронајден во компјутерот на Тоше и кој наскоро ќе биде презентиран на јавноста”, за “Утрински весник” изјави Андреј Николовски, директор на Фондацијата кој додал дека е готова и биографијата на Тоше, а се работи и на две нови песни, кои биле најдени во студиото на Енди Рајт, а се отпеани на англиски јазик. Тоше ја носеше својата држава во срцето каде и да одеше. Колку таа му врати, тоа е друго прашање.
Подготви: Александра Блажевска
