Евровизија 1998, 43-ти натпревар за избор на најдобра песна. Се одржал во Бирмингем во Велика Британија на 9-ти мај. Учествувале 25 земји, а победила Дана Интернационал од Израел, со песната Diva. На оваа Евровизија, Македонија и официјално зела учество. Ја претставувал Владо Јаневски со песната „Не зори зоро“. Учеството на фестивалот било без спонзори, ТВ камери, стилист, шминкер и без ниту еден новинар од Македонија. Владо дури сам си ја купил облеката од Милано, бидејќи го одбиле од фирмата „Тетекс“. Поради помали средства, спотот за „Не зори зоро“ од МРТВ 80% е измонтиран од стари архивски снимки на планини и езера. Владо песната ја напишал за неговата тогашна девојка од Русија со која живеел во Москва.
Песната е љубовна балада во која Јаневски ја моли мајка си (според старата македонска традиција) да оди и од родителите на девојката која ја сака да ја побара нејзината рака. На еден суптилен поетски начин тој укажува на тоа дека ако родителите на девојката го одобрат бракот, мајка му треба да повика музичари за да ја прослават својата љубов, а ако одговорот е “не” старата мајка не треба да го проколнува семејството на девојката, туку да жали за неговата несреќа. Во меѓувреме неизвесноста станува неподнослива и тој посега по шише со вино, молејќи ја зората да не доаѓа, бидејќи така луѓето нема да ги забележат неговите насолзени очи
Песната била изведена во Бирмингем, Б.Британија на 9-ти мај 1998 година. Владо настапил последен по ред, а песната добила вкупно 16 поени, пласирајќи се на 19 место од вкупно 25 песни. Македонија не учествувала на Евровизискиот натпревар во 1999 година. Следниот настап земјата го имала во 2000 година, при што настапиле XXL со песната “100% те љубам”, чиј ко-автор е Владо Јаневски.
Подготви: Редакција Музика24
Музика24- содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

