Факт е дека македонската музичка поп сцена во нашата земја е во недостаток на млади и успешни артисти кои ќе донесат еден поинаков нов и модерен звук. Факт е и дека имаме потреба од нови имиња кои ќе ја освежат македонската сцена и ќе создадат нешто ново и сосема поинакво од она што досега сме го виделе и го гледаме со години.
Од неодамна, музичката сцена во Македонија е збогатена со едно ново, интересно, специфично, младо и убаво лице. Маша која што е со потекло од Русија, а живее во нашата земја веќе неколку години. Таа скоро сними песна на македонски јазик со наслов „Дали ти ќе дознаеш“, а истата е дело на веќе докажаните Панче Касапски, Огнен Неделковски и Лазар Цветковски.
За својата прва песна и она што го промовира, Маша изјави:
“Многу сум задоволна од тоа како звучи песната. Искрена да бидам, јас не ги познавам многу луѓето кои работаат музика во Македонија, но по консултација со неколку мои блиски пријатели, решив да изберам да работам со оваа екипа. Исто така не смеам да го заборавам и режисерот, Даниел Јовески, кој направи одличен видеоспот”, изјави Маша.
А на прашањето зошто пред македонската публика се претставува со песна на македонски, а не на руски јазик, таа одговора:
“Јас тука живеам, тука се образувам, го научив одлично македонскиот јазик и немав дилеми за тоа дали да пеам на руски или на македонски, накусо одговара Маша.
Како што и самата таа вели, ова е само почеток. Таа во идниот период планира да биде доста продуктивна кога се во прашање нови музички проекти, видео спотови и да се претстави пред македонската публика со нова и убава музика, на македонски јазик.
А во продолжение, ви предлагаме да ја преслушате нејзината прва песна „Дали ти ќе дознаеш“, и секако, да го погледнете видео спотот за истата. Уживајте!
