Музика на кирилица

Пепа Димитрова: Поминете го Велигден со саканите, негувајте го своето, слушајте македонска музика! (Фото+Видео)

Во пресрет на Велигденските празнувања, да се потсетиме на една не толку нова, ама одлична песна, отпеана од Пепа Димитрова. Пред четири години таа направи преработка на големиот хит на Џина Папас-Џокси, „На Велигден“, но ја отпеа на свој, уникатен начин во етно-џез верзија, со што ја освежи, и и’ даде женски печат.

“Се работи за безвременски хит, евергрин во вистинска смисла на зборот, па драго ми беше кога Џокси иницираше ваква музичка соработка. За мене, покрај големото задоволство да направам женска верзија на една од моите омилени песни, беше и предизвик и одговорност, бидејќи сепак, судот за успешноста на преработка на толку слушана песна го носи публиката. Од денешен агол, задоволна сум од сработеното и драго ми е што оваа верзија на „На Велигден“ заживеа и им се допадна на слушателите”, вели Пепа Димитрова за музичкиот портал Музика24.

“Воедно, уште помило ми е што на овој проект учество зедоа повеќе македонски врвни музичари, како Стефче Стојковски на гајда, кавал и мандолина и Кире Кузманов на саксофон. Во таа насока, ќе биде и мојата порака за сите читатели на Музика 24. Велигден е најголемиот христијански, семеен празник и искористете го да бидете со блиските, со семејството. Сакајте го, ценете го и негувајте го своето, слушајте македонска музика!”, додаде Димитрова.

За потсетување, песната беше снимена во студиото студиото Ентерпрајз на Тино Скендеровски под водство на Дамир Имери, а видеото е снимено во продукција на “Енигма Продукција“. Периодов, Пепа Димитрова го посвети за подготовка на нов музички материјал кој наскоро ќе биде промовиран. Како што веќе откривме, песната “Длабоко” потпишана од Весна Малинова и Владимир Дојчиновски-Дојчин е веќе завршена, но ќе биде промовирана заедно со музички спот за истата.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: