Музика на кирилица

Саундтрекот од „Прашина“ за прв пат достапен на дигиталните музички сервиси (Видео)

Како што дознава музичкиот портал Музика24, во најава е првото издание од серијата изданија со кои ќе биде претставена филмската и театарска музика на Кирил Џајковски. Со тоа, пошироката публика конечно ќе добие целосен увид во овој дел од творештвото на еден од нашите најплодни и меѓународно најуспешни современи композитори.

Иако е можеби најпознат по неговиот електронски музички проект Djaikovski, со кој настапува на некои од најзначајните светски музички фестивали, Џајковски има и втор, исто толку импозантен опус. Станува збор за музиката што ја компонираше за дузина филмови и театарски претстави на некои од најистакнатите
домашни режисери, меѓу кои и Милчо Манчевски, Иво Трајков, Александар Поповски,
Дарко Митревски.

Објавувањето на филмската и театарската музика на Џајковски започнува денеска со саундтрекот од филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски. На изданието композиторот вешто се движи низ повеќе жанрови и комбинира класична музика, танго и џез, без притоа да ја наруши конзистентноста на целината. Тоа му овозможува на албумот одлично да функционира и самостојно, надвор од контекстот на филмот за кој
е напишан, па така музиката од ова издание веќе си го најде местото и на репертоарот на повеќе интернационални ансамбли. Најнова потврда за популарноста на материјалот од „Прашина“ е вклучувањето на темата “Brothel Tango” во музичкобалетскиот перформанс “The Waste Land” на престижниот холандски колектив Amsterdam Sinfonieta. Во овој проект инспириран од една од најпознатите поетски творби на 20 век, „Пуста земја“ на Т.С. Елиот, композицијата на Џајковски е употребена заедно со дела од Стравински, Лејг, Берг и Најман, а се појавува во еден од највпечатливите моменти на шоуто.

Албумот со музиката од „Прашина“ од денеска може да се слуша и даунлодира од сите дигитални музички сервиси. Директни линкови до изданието на некои од најпопуларните платформи може да најдете на следната адреса: https://filterlabel.streamlink.to/dustost.

Можеби ќе ве интересира: