Музика на кирилица

Со одлично подготвената концертна промоција, пејачката Габриела Новевска им одржа лекција на македонските народни пејачи (Фото)

Вчера вечер во Македонската Опера и Балет се одржа долго очекуваниот солистички концерт на Габриела Новевска, како што многумина ја нарекуваат, наследничката на Вања Лазарова.

Едночасовното музичко уживање започна со насловната нумера „Те кажувајет, Илино моме“ со одличен аранжман и комплетна посветеност. А потоа на ист начин, концертот продолжи со останатите композиции од најновиот студиски албум кој Габриела го издаде во декември минатата 2023-та година. Ова всушност претставуваше и концертна промоција на истиот.

Концерт кој што со одредена леснотија, емоција и оргиналност го заслужи епитетот за најдобар концерт во живо, што се однесува до македонската народна песна и музика. Секоја композиција, секоја нумера беше толку добро отпеана, толку совршено отсвирена што за момент се запрашавме дали слушаме ЦД или толку е се некако совршено што за момент заборавивме и на музичарите кои ја пратеа и во секоја секунда ја следеа пејачката Габриела Новевска. А таа пак, можеби на почетокот малку срамежливо, а потоа разиграно и позитивно ги пренесе своите вибрации и енергија на присутната публика која да признаеме беше и привилегирана и одбрана да ужива во овој единствен и уникатен концерт на големата сцена на МОБ.

А музичарите кои беа во позадина и го следеа секој отпеан тон, се академски образувани и селектирани токму како што доликуваше за еден ваков гламурозен музички концерт посветен на традиционалната македонска народна песна. Тука ќе ги споменеме: Александар Јовевски – кој свиреше на пијано; Зоран Костадиновски на електрична гитара; Драган Илиев на електрична гитара; Горан Гешовски на бас-гитара; одличниот Дарко Илиевски на хармоника; Ратко Даутовски на перкусии и Павел Ренџов на тапани. Како придружни вокали на сцената се појавија: Ристо Новевски, Бобан Рајчиновски Влатко Груевски. А како гости на концертот, на сцената се појавија одличниот Петар Христов кој на одредени песни им даде душа со својот саксофон сопран, Дејан Теодосиевски со своето виолончело и Гоце Димовски, кој на последната песна од концертот со својата гајда придонесе за одличното и позитивно расположение.

И на крајот од денот се прашуваме зошто ваквите концерти мора да траат неверојатно кратко?!

Тажно е што концерти и настани од ваков тип во Македонија немаат реприза. Тажно е што менаџерите и државата не се заинтересирани да вложуваат и работат на вакви интересни и успешни македонски концерти и приказни, но, искрено веруваме и од срце се надеваме дека концертот кој вчера вечер Габриела Новевска го подари на македонската публика освен на Македонската телевизија која го снимаше и одложно ќе го емитува, ќе имаме можност се почесто да гледаме и слушаме концерти посветени на традиционално македонските народни песни.

И како за крај, да напоменеме дека сите песни отпеани се македонски народни песни чии автор не се знае, а за аранжманот и се така совршено и одлично да звучи се погрижи Александар Јовевски без кој овој музички проект не би бил тоа што е.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24.мк

Можеби ќе ве интересира: