Во петок 25-ти октомври стартува новото издание на најпознатиот и најстар музички фестивал во Македонија – „Макфест“ – Штип. И оваа година како и минатата фестивалот ќе биде поделен во две вечери и тоа првата за новите надежи и млади музички имиња и втората финална вечер или вечер каде што ќе видиме голем број на познати македонски музички имиња од македонска музичка естрада.
Меѓу останатите, на првата вечер ќе настапи и младиот и веќе докажан Сергеј Попоски кој македонската публика за прв со него се запознава преку музичкото тв шоу „Патот до ѕвездите“. Тој својот прв фестивалски настап го имаше година на летниот музички фестивал „Охрид фест“ каде ја отпеа песната „Нема никогаш пак“ во придружба на членовите на неговиот бенд The Doctors.
Како што вели и самиот за себе, негов музички идол, мотивација и инспирација да биде она што е денес ја наоѓа во ликот и делото на познатиот светски музичар Фреди Мекјури.
„Мојот музички идол од старите времиња е Фреди Мекјури, тој е всушност и иницијативата зошто јас започнав воопшто да бидам пејач. Онака на 15 години седнат на компјутер да си пуштам некоја песна и на крајот ја слушам „Bohemian Rhapsody“ и си велам океј, сакам да бидам пејач како него. Гледав многу видеа каде што игра тој и затоа на пример некои движења за време на мојот настап на „Охрид фест“ беа баш како него, како Фреди Мекјури. А во новата ера, мој музички идол е Хери Стајлс. Страшен вокал“, вели Сергеј за музичкиот портал Музика24.
Како што веќе и споменавме Сергеј на „Макфест“ ќе настапи со песната „Сите утра“, напишана од Ефтимија Јованова, а аранжманот е подготвен од страна на Дамјан Лазаров.

Инаку Сергеј освен што ја сака музиката тој во своето слободно време сака да игра и фудбал со своите блиски пријатели и другари, ја сака и почитува својата девојка, а често знае да појде кај својот омиелн тату мајстор во Прилеп каде што и живее, и да истетовира некоја интересна и луда откачена тетоважа. Досега вкупно има шест тетоважи.
„Сакам Македонија да види кој сум. Да ме забележат како пејач и да видат на кој жарн всушност припаѓам. А тоа е поп музиката. Во иднина се гледам како солист со повеќе албуми зад себе, со многу настапи и на многу големи сцени. Тоше Проески е мојот омилен пејач и тоа така ќе остане. Немам завршено средно музичко училиште, но сето она што го имам, го носам во себе и го претставувам е талент кој го надоградувам во приватното музичко училиште „Матрикс“ во Прилеп каде мој ментор е Денис Димоски. Многу добар ментор, искрено, да не беше тој јас немаше да бидам овде поради тоа што тој како ментор, ми даде самодоверба и општо се погрижи околу вежбањето со вокалот“, додава Сергеј Попоски.
Подготви: Иван Јосимовски
