36-годишниот Горан Јосифовски, познат музичар, поранешен член на групата „Екстра бенд” е битолчанецот кој рано утрово загина во тешка сообраќајна несреќа на патот Битола-Прилеп. Веста ја потврдија и неговите колеги од фолк естрадата, кои се збогуваат од него на социјалните мрежи.
Како што објави СВР Битола во дневниот билтен, на 17.02.2021 околу 05.25 часот во СВР Битола било пријавено дека на магистралниот пат Битола- Прилеп, патничко возило „комбе“, со битолски регистарски ознаки, управувано од Г.Ј.(36) од Битола, излетало од патот. Од здобиените повреди возачот починал на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а во координација со Јавен обвинител телото е предадено на обдукција. Извршен е увид на местото на незгодата од увидна екипа на СВР Битола.
Ова е втор смртен случај помеѓу битолските музичари за краток период. Пред неколку дена почина членот на групата „Модус“, Ице Атанасовски. Токму последната објава на социјалната мрежа Facebook на сега трагично загинатиот Јосифовски, беше збогување со колегата Ице Атанасовски.
