Премиера

„Мизар“ со „Изрод“ проговори за мрачните времиња за човештвото (Видео)

По летниот сингл „Вечна празнина“, Мизар го претставува „Изрод“. Нов сингл од претстојниот шести студиски албум „Вечна празнина“, дигитално достапен од понеделник 12-ти декември.

Една од десетте композиции, „Изрод“ е песна за човек кој ја продал душата и со тоа станал Изрод. Изродот нема емоции и емпатија, тој е морален изрод, а парите се императив на неговото постоење. Данте ги класифицирал грешниците во 9 кругови на пеколот, колку нивните гревови се посериозни, круговите се пониски и потесни.

„За да се спаси нивната продадена душа, мрестот на Мизар мора да ги отвори „Деветте порти на олово“, завршува составот на Мизар. Впечатливиот и уникатен звук на култниот македонски бенд, претставен преку моќниот вокал на Зоран Тортевски, ги трансформира егзистенцијалните, човечки теми во тешки, но магични композиции.

Ваквата комбинација најдобро се чувствува во живо, за која приликата доаѓа наскоро, на 16-ти декември кога „Мизар“ ќе го има шестото појавување во Домот на млади во Белград. По овогодинешната мини турнеја во која беа Љубљана, Риека и Загреб, градови каде публиката ги пречека со ентузијазам, по седум години „Мизар“ повторно свири во Белград, за што велат:

„Многу ни е мило што повторно доаѓаме, имаме многу убави спомени од тој град и публиката која отсекогаш со задоволство нè пречекува“ и додава: „Среќни сме што уште еднаш имаме можност да ја претставиме во живо музиката на која работиме некое време. Некои синглови веќе се објавени во студиски верзии, но нивното претставување во живо е сосема поинаков, посебен момент. Ги покануваме сите да го споделат со нас на концертот на 16-ти декември во Домот на млади во Белград“.

Можеби ќе ве интересира: