Бојана Скендеровски денеска ја промовираше новата песна „Зад завесите“ која ја прати видео запис во режија на едно од најценетите имиња на македонската музичка естрада, Александар Ристовски – Принц, кој со својот ексцентричен и секогаш уникатен стил со доминантни и директно прикажани симболи, на едноставен начин ја пренесува вистинската суштина на меланхолијата на самата песна.
Музиката и аранжманот ги потпишува Роберт Билбилов, а текстот е на Ксенија Николова.
Приказната за отсуството на емпатијата во светот полн со предрасуди е дел од новиот проект на Бојана, со којшто започнува низата на дополнителни изненадувања, коишто Бојана ќе ги претстави на публиката оваа година.
“Чувството да се биде повторно во етер е секогаш слатко задоволство, а најмногу поради можноста преку музиката како уметност да споделам вистински емоции и порака за важни теми, коишто сметам дека е потребно да се дискутирани во општеството. Да пренесам размислување и став преку мелодија, повторно да се искажам емотивно, можам единствено на најдобриот начин на којшто умеам – преку песна. Сакам да се заблагодарам на целиот тим, којшто ја поздрави и прифати идејата на новата Бојана, проект којшто со голем предизвик и ентузијазам го најавувам со „Зад завесите’’. За оваа година си поставив цел да го споделам со јавноста сето она кое веќе неколку години созрева во мене, а тоа е еден поинтензивен и помоќен стил на носење порака до гледачите”, изјави Бојана.
